1ⓞМртвите муви го расипуваат и го усмрдуваат благопријатното масло на мироварец: истото го прави една мала глупост на уважуван човек за неговата мудрост и чест.
2ⓟСрцето на мудриот се наклонува кон десно, а срцето на глупавиот — кон лево.
3По каков и да било пат да оди глупавиот, кај него секогаш недостига разум, и пред секого тој ќе се покажува дека е неразумен.
4ⓠАко гневот на оној што владее избувне врз тебе, не напуштај го местото свое, зашто кроткоста спречува големи грешки.
5Има зло што сум го видел на земјата, како грешка што доаѓа од владетелот;
6ⓡнеразумниот се поставува на голема височина, а богатите седат ниско.
7Сум видел слуги на коњи, а кнезови да одат пешки како слуги.
8ⓢКој копа јама, сам ќе падне во неа, и кој соборува ограда, змија ќе го касне.
9Кој крева камења, може да се шине, и кој цепи дрва, може да се изложи на опасност од нив.
10ⓣАко отапи секирата, и ако сечилото нејзино не биде наострено, ќе треба повеќе сила; мудроста знае тоа да го поправи.
11Ако змијата касне пред да биде убиена, тогаш каква е ползата за оној што ќе ја убие.
12ⓤЗборовите од уста на мудрец се благодат, а устата на безумниот самиот него го погубува:
13ⓥпрвите зборови од устата му се глупост, а крајот на речта на устата негова — лошо безумие.
14ⓦГлупавиот зборува многу, а човекот и не знае што ќе биде; та и кој ќе му каже, што ќе биде по него?
15Трудот на глупавиот го изморува, зашто не го знае дури ни патот за во градот.
16Тешко тебе, земјо, кога царот твој е дете, и кога кнезовите твои уште од рано се гоштеваат!
17ⓧБлазе тебе, земјо, кога царот ти е од род благороден, и кнезовите твои јадат навреме, за поткрепа, а не за преситување!
18Од мрзливост ќе нависне таванот, и кога ќе се скрстат рацете, покривот ќе прокапе.
19ⓨГоштевања се приредуваат заради наслада и виното го весели животот; а сѐ прави среброто.
20ⓩДури и во мислите свои не навредувај го царот, и во спалната своја не го навредувај богатиот; зашто небесната птица може да го пренесе твојот збор, и сѐ што има крилја ќе го соопшти твојот збор.