1ⓕИ сево ова го ставив во срцето свое, за да испитам дека праведните и мудрите нивни дела се во рацете Божји, и дека човекот не знае ни за љубов, ни за омраза во сето тоа, што е пред него.
2ⓖЗа секој и за сите е едно: една судбина за праведен и неправеден, за добар и лош, за чист и нечист, како за оној кој принесува жртви, така и за оној кој не принесува; како за добар, така и за грешник; како за оној што се колне, така и за оној што се плаши од клетва.
3ⓗТокму тоа е најлошо од сѐ што се случува на земјата, дека еден е крајот за сите, па затоа срцето на синовите човечки е полно со зло, и безумие има во срцето нивно додека се живи; а потоа тие умираат.
4Кој е меѓу живите, има уште надеж, бидејќи и куче живо е подобро, отколку мртов лав.
5ⓘЖивите знаат дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот,
6и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што се случува на земјата.
7ⓙИ така, оди, јади го радосно лебот свој и пиј го со радосно срце виното свое, кога Бог има наклоност кон твоите дела.
8Во секое време облеката да ти биде празнична, и секогаш да има миризливи мазила на лицето твое.
9ⓚВо сите дни на својот суетен живот насладувај се од животот заедно со жената, што ја сакаш, и која ти ја дал Бог на земјата за сите твои суетни дни; зашто, тоа е твој дел во животот и во твоите трудови, со кои се трудиш на земјата.
10Сѐ, што може да врши раката твоја, според силите твои, врши; зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост.
11И пак видов на земјата дека на брзите не им се дава победа, ниту на храбрите — битката, ниту на мудрите — леб, ниту на разумните — богатство, ниту на искусните — благонаклоност, но времето и приликите им се случуваат на сите нив.
12ⓛЗашто човек не знае кога ќе го снајде несреќа. Како што рибите налетуваат во погубна мрежа, и како што птиците се заплеткуваат во примки, така и синовите човечки се уловуваат во тешко време, кога тоа неочекувано ќе дојде за нив.
13Еве уште каква мудрост видов на земјата, и таа ми се причини голема:
14мал град и во него малку луѓе; дојде против него голем цар, го опколи и почна околу него да издига големи опсадни направи;
15ⓜно во него се најде човек сиромав, но умен, и тој со својата мудрост го спаси тој град; и при сето тоа никој не се сети за тој сиромав.
16ⓝИ јас си реков: мудроста е подобра од силата, и при сето тоа што мудроста на сиромавиот се пренебрегнува, и зборовите негови не се слушаат.
17Зборовите на мудрите, искажани спокојно, се ислушуваат подобро, отколку викањето на кнез меѓу глупаци.
18Мудроста е подобра од воено оружје; но еден грешник расипува многу добри работи.