1ⓑГосподи, услиши ја молитвата моја и повикот мој нека дојде до Тебе!
2ⓒНе одвраќај го лицето Свое од мене, во денот на мојата жалост приклони го увото Твое кон мене; во денот, кога Те повикувам, услиши ме бргу,
3ⓓзашто дните ми исчезнуваат како дим, а коските мои горат како оган;
4ⓔпопарен сум како трева, срцето ми е исушено, така што заборавам и лебот свој да го јадам;
5ⓕод гласот на моите воздишки коските ми се залепија за телото мое.
6ⓖЗаприлегав на пеликан во пустина; станав како був во урнатини;
7не спијам, седам како самотна птица на покрив.
8Секој ден ме навредуваат непријателите мои, и фалејќи се, ме проколнуваат.
9Јадам пепел како леб и пијалакот свој со солзи го мешам.
10ⓗПоради гневот и јароста од лицето Твое бев подигнат, а потоа соборен.
11Дните мои исчезнуваа како вечерна сенка и јас се сушам како сено.
12ⓘА Ти, Господи, вечно пребиваш; и името Твое е од род во род.
13ⓙСтани, смилувај му се на Сион, зашто време е да се смилуваш на него — зашто дојде времето;
14бидејќи на Твоите слуги им омилеа и камењата негови и за правот негов жалат.
15Незнабошците ќе се заплашат од името на Господ, а сите земни цареви — од Твојата слава.
16Зашто Господ ќе го изгради Сион и ќе се појави во славата Своја;
17ⓚќе погледне милостиво на молитвите од беспомошните и нема да ги презре молбите нивни.
18Нека се запише ова за следниот род, та идното поколение да Го слави Господа,
19ⓛзашто се јави од светата Своја височина, Господ од небесата погледна на Земјата,
20ⓜза да ги чуе офкањата на окованите, да ги ослободи осудените на смрт,
21ⓝза да го разгласат името Господово на Сион и похвалата Негова во Ерусалим,
22кога ќе се соберат народите и царствата заедно да Му служат на Господ.
23ⓞТој ми ја откажа заштитата Своја на патот мој, ги скрати дните мои.
24ⓟБоже мој! Не земај ме на половината од деновите мои! Твоите години се од род во род.
25Во почетокот Ти, Господи, ја основа Земјата, небесата се дело на Твоите раце;
26ⓠтие ќе пропаднат, а Ти ќе пребиваш; сите тие — како облека ќе оветвеат, и како наметка Ти ги менуваш и тие исчезнуваат.
27Но Ти си секогаш истиот, и Твоите години нема да завршат.
28Синовите на Твоите слуги ќе се веселат и потомството нивно ќе се зацврсти за навек.