1ⓡБлагословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име!
2Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини, на Оној,
3ⓢКој ги очистува сите твои беззаконија, Кој ги исцелува сите твои болести;
4ⓣКој го избавува од пропаст твојот живот, Кој те овенчува со милост и со добрини.
5ⓤКој го исполнува со добра животот твој, како на орел ти ја обновува твојата младост.
6Господ им дава милост и правда на сите угнетени.
7Тој му ги покажа Своите патишта на Мојсеј, на Израеловите синови — делата Свои.
8ⓥШтедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив;
9ⓦТој не се гневи до крај, ниту вечно се лути.
10ⓧТој не постапува со нас според нашите беззаконија и не ни плаќа според нашите беззаконија;
11ⓨзашто, колку е големо растојанието од небото до Земјата, толку е голема милоста на Господ спрема оние што се бојат од Него;
12ⓩколку е далеку исток од запад, толку ги оддалечува Тој од нас нашите престапи;
13ⓐкако таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него.
14ⓑЗашто Тој го знае нашиот состав, помни дека сме прав.
15ⓒДните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој;
16ⓓќе дувне ли над него ветар, и веќе го нема, и местото негово веќе не го памети.
17ⓔА милоста на Господ е од век до век спрема оние, кои се бојат од Него, и правдата Негова е од чеда на чеда,
18ⓕкои го чуваат заветот Негов и ги помнат заповедите Негови.
19ⓖГоспод го поставил Својот престол на небото, и царството Негово владее над сѐ.
20ⓗБлагословувајте Го Господа — сите ангели Негови, вие крепки по сила, кои го извршувате Неговиот збор, слушајќи го гласот од зборот Негов;
21ⓘблагословувајте Го Господа — сите Негови војски, Негови служители, кои ја исполнувате волјата Негова;
22ⓙблагословувајте Го Господа сите Негови дела, по сите места на Неговото владеење. Благословувај Го, душо моја, Господа!