Псалми 104:1-35 MKDB2006 - Bible AI

1Благословувај Го, душо моја, Госпо­да! Господи, Боже мој, Ти си многу велик; во слава и величес­твеност Си се облекол;

2Ти, Кој се облекуваш со светлина како со облека, си го прострел небото како шатор;

3на вода си ги поставил Твоите дво­рови, облаците си ги направил како Своја кола, на крилјата од ветрот патуваш.

4Ветровите ги правиш Свои гласници, а огнот и пламенот — Свои слуги.

5Ти си ја поставил Земјата на цврс­ти основи: таа нема да се разниша никогаш.

6Си ја покрил со бездна како со облека, води стојат над горите.

7Од Твојата закана тие бегаат, од гласот на Твојот гром се разбегуваат;

8се издигаат до горите, се спуштаат во долините, на места што си им ги оп­ределил.

9Си поставил граница преку која нема да преминат, ниту ќе се вратат да ја покријат Земјата.

10Си управил извори во долините: ме­ѓу горите течат води,

11ги напојуваат сите полски ѕверови; дивите магариња ја гаснат жедта своја.

12Покрај нив живеат птици небес­ни, меѓу гранките пуштаат глас.

13Ти ги напојуваш горите од своите височини, од плодовите на Твоите дела се наситува Земјата.

14Ти правиш да расте трева за доби­токот и растенија за потреба на луѓето, за да произведат храна од земјата

15и вино што го весели срцето на чо­векот, и маслото од кое блеска лицето негово, и лебот што го закрепнува срцето на човекот.

16Се напојуваат дрвјата по полето, кедрите леванонски, што си ги посадил;

17на нив птиците си прават гнезда, елките им се живеалишта на штркови­те.

18Високите гори — на срните; камењата — прибежиште на зајаците.

19Тој ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето знае кога ќе зајде.

20Спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови;

21лавовите рикаат за плен и бараат од Бога храна за себе.

22Изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла;

23човекот излегува по своја работа и работи до вечерта.

24Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; Земјата е полна со Твои созданија.

25Ете го морето, големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни;

26таму пловат кораби, таму е левијатанот што си го создал да игра во него.

27Сите тие од Тебе чекаат да им да­деш храна навреме.

28Им даваш — примаат, ја отвораш раката Своја — се наситуваат со блага;

29го одвратиш ли лицето Свое — се збунуваат, им го одземеш ли духот нивен — умираат и во земјата своја се враќаат.

30Го праќаш ли духот Свој — се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата.

31Нека пребива вечно славата на Господ; нека се весели Господ за делата Свои!

32Погледнува ли кон Земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие се димат.

33Ќе Му пеам на Господ преку целиот мој живот, ќе Му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам.

34Нека Му биде мила беседата моја! Ќе се веселам во Господ.

35Нека ги снема грешниците од Земјата, и беззаконици да нема веќе! Благословувај Го, душо моја, Гос­пода! Алилуја!

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>