1ⓘСлавете Го Господа; повикувајте го Неговото име; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови.
2ⓙСлавете Го и пејте Му; кажувајте ги сите Негови чудеса.
3ⓚФалете се со Неговото свето име: нека се весели срцето на оние, кои Го бараат Господа.
4ⓛБарајте Го Господа и утврдувајте се, барајте го секогаш лицето Негово.
5ⓜСпомнувајте ги чудесата Негови, што ги направи, чудесата Негови и судовите од устата Негова,
6ⓝвие, семе Авраамово, слуги Негови, синови Јаковови, избраници Негови.
7Тој е Господ, Бог наш; Неговите судови се по целата земја.
8ⓞТој вечно го помни заветот Свој, зборот што го заповедал во илјада родови,
9ⓟшто му го ветил на Авраам, и заклетвата Своја на Исак;
10ⓠи му го поставил тоа како закон на Јаков и како вечен завет на Израел,
11велејќи: „Тебе ќе ти ја дадам Хананската земја во ваше наследство.“
12ⓡТогаш тие беа уште малку на број, многу малку, и беа придојдени во неа,
13ⓢпа одеа од народ во народ, од едно царство кон друг народ;
14никому не му дозволуваше Тој да ги угнетува и цареви за нив караше:
15ⓣ„Не допирајте се до Моите помазани, на Моите пророци не правете им зло!“
16ⓤИ пушти глад во таа земја и секој лебен клас го сотре.
17ⓥИспрати пред нив човек: како роб беше продаден Јосиф.
18Ги стегнаа во окови нозете негови, железо околу вратот негов,
19ⓦдодека се исполни зборот негов: зборот Господов го потврди.
20Царот прати по него, го одврзаа, кнезот над народите го ослободи.
21ⓧГо постави за домаќин над домот свој и управител над сиот имот свој,
22за да ги поучува кнезовите според својата волја и старешините негови да ги учи на мудрост.
23Тогаш дојде Израел во Египет, и Јаков се всели во Хамовата земја.
24ⓨГо умножи Бог многу Својот народ и го направи посилен од непријателите негови.
25ⓩСе преврте срцето нивно и тие го замразија народот Негов, и почнаа да им пакостат на слугите Негови.
26Го испрати Мојсеј, слугата Свој, и Арон, кого го избра.
27ⓐТие ги покажаа меѓу нив Неговите знаци и чудесата Негови во Хамовата земја.
28Испрати темнина и се смрачи, и тие не се спротивставија на зборот Негов.
29Ја претвори водата нивна во крв и ја уништи рибата нивна.
30Се исполни земјата нивна со жаби, дури и собите на царот нивен.
31Тој заповеда: и нападнаа рој муви и мушички по сите нивни предели.
32Наместо дожд, испрати врз нив град, оган што ја гореше земјата нивна,
33и ги уништи лозјата нивни и смоквите нивни, ги сотре сите дрвја во нивните предели.
34Рече и нападнаа скакулци и гасеници безброј;
35и ја изедоа сета трева по земјата нивна, ги испојадоа сите плодови на нивите нивни.
36ⓑИ го погуби секое првородено во земјата нивна, првините од сиот нивен труд.
37ⓒГи изведе Израелците со сребро и злато, и немаше болен во племињата нивни.
38ⓓСе зарадува Египет поради нивното излегување, бидејќи го беше обзел страв од нив.
39ⓔТој им простре облак како покрив и оган, за да им свети ноќе.
40ⓕБараа, и Тој им прати потполошки и со леб небесен ги наситуваше.
41ⓖРасцепи камен и потекоа води, потекоа како река по безводната земја,
42ⓗзашто се сети на Својот свет збор кон Авраам, Својот слуга.
43Па го изведе Својот народ со радост, Своите избрани — со веселба,
44и им даде незнабожечки земји, и така наследија плодови од други народи,
45за да ги чуваат наредбите Негови и да ги исполнуваат законите Негови. Алилуја!