Псалми 27:1-14 MKDB2006 - Bible AI

1Господ е моја светлина и мое спа­сение: од кого да се плашам? Господ е крепост на мојот живот, од кого ќе стравувам?

2Кога се приближија до мене злобни противници и непријатели за да го изедат телото мое, се сопнаа и паднаа.

3И полк да се крене против мене, нема да се исплаши срцето мое; дури и цела војска да се дигне против мене, и тогаш ќе бидам полн со доверба.

4Само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Госпо­довата убавина и да се поучувам во Неговиот свет храм,

5зашто во злочест ден Тој би ме сокрил во Својата скинија, би ме сокрил под покривот на Своето жи­веалиште; би ме искачил на карпа.

6Тогаш главата моја ќе се издигне над непријателите што ме опкружу­ваат; и јас ќе принесам во скинијата Негова жртва поради радоста, па ќе пеам и ќе Го фалам Господа.

7Чуј го, Господи, гласот мој, бидеј­ќи кон Тебе викам смилувај ми се и услиши ме.

8Срцето мое ми вели: „Барај го лицето Негово!“; и јас го барам лицето Твое, Господи.

9Не сокривај го од мене лицето Свое; не одбивај го во гневот слугата Твој. Биди мој помошник; не отфрлувај ме и не оставај ме, Боже, Спасителе мој!

10Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прибере.

11Научи ме, Господи, на Твојот пат и води ме по рамна патека, поради непријателите мои;

12не предавај ме на своеволноста на непријателите, зашто останаа против мене лажни сведоци со насилство во нивните носници.

13Но јас верувам дека ќе ја видам Господовата добрина во земјата на живите.

14Надевај се во Господ, биди бодар; нека е цврсто срцето твое; надевај се во Господ!

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>