Псалми 31:1-24 MKDB2006 - Bible AI

1Кај Тебе, Господи, се засолнувам, о да не се посрамам никогаш; според пра­ведноста Своја спаси ме.

2Приклони го увото Твое кон мене, побрзај да ме избавиш. Биди ми Бог заштитник и прибежиште за да се спа­сам.

3Зашто Ти си карпа моја и крепост моја, заради името Твое поведи ме и управувај со мене.

4Изведи ме од оваа стапица, која потајно ми ја поставија, зашто Ти си мој заштитник.

5Во Твоите раце го предавам духот свој; Ти си ме откупил, Господи, Боже на вистината.

6Не ти се мили оние што почитуваат ништожни идоли, но јас имам верба во Господ.

7Ќе се радувам и ќе се веселам поради Твојата милост, зашто Ти погледна на маката моја и ја спаси од патила ду­шата моја,

8и не ме предаде во рацете на непријателите мои; нозете мои ми ги постави на чистина.

9Смилувај се кон мене, Господи, заш­то сум потиштен од скрб: ми се исушија од тага окото мое, душата моја и утробата моја.

10Го минувам во жал животот мој, и годините мои — со воздишки; изнеможе силата моја, и коските мои се свиткаа.

11Пред сите непријатели мои станав за прекор, дури и пред соседите мои, а и плашило за познатите мои; оние што ќе ме видат на улица, бегаат од мене.

12Заборавен како мртовец сум во ср­цата на луѓето; станав како скршен сад,

13бидејќи чув дека мнозина околу мене погубно шепотат, и кога ќе се соберат заедно, се договораат и душата моја да ми ја одземат.

14Јас, пак, имам верба во Тебе, Господи, и велам: Ти си мој Бог.

15Дните мои се во Твоите раце; изба­ви ме од рацете на непријателите мои и од гонителите мои.

16Нека засветли лицето Твое над слугата Твој; спаси ме поради Твојата ми­лост.

17Господи, не допуштај да се посрамам, поради тоа што кон Тебе пови­кав; нечестивите нека се посрамат и нека замолкнат во светот на мртвите.

18Да онемеат лажливите усти, што говорат лошо против праведниот со горделивост и презир.

19Колку е голема добрината Твоја, Господи, што си ја запазил за оние, кои имаат страхопочит кон Тебе, и што си ја приготвил за оние, кои имаат верба во Тебе пред очите на синовите чо­вечки!

20Ќе ги сокриеш под покривот на лицето Свое од човечките завери, ќе ги заклониш од нападите на јазиците противнички.

21Нека е благословен Господ, зашто ја пројави кон мене Својата чудесна милост кога бев обиколен како град под опсада!

22Во малодушноста своја си реков: отфрлен сум од очите Твои; но Ти го слушна гласот на молитвата моја, кога повикав кон Тебе.

23Љубете Го Господа сите светии Негови, зашто Господ ги чува верните Свои, а им отплатува на оние, кои гордо постапуваат.

24Бидете силни и нека крепне срцето ваше, сите вие што имате верба во Господ!

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>