Псалми 33:1-22 MKDB2006 - Bible AI

1Радувајте се, праведници, во Господ: на праведниците им прилега да Го слават.

2Славете Го Господа со лира, пејте Му на харфа со десет жици,

3пејте Му нова песна; пејте Му умешно и со восклик,

4зашто словото на Господ е право, и сите дела Негови се извршени во верност.

5Тој сака праведност и суд праведен; со милоста Господова е исполнета Земјата.

6Преку словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова — сите сили нивни.

7Тој ги собира како во мев мор­ските води; бездните ги става во сокровишта.

8Нека има страхопочит кон Господ целата Земја; нека треперат пред Него сите жители на светот,

9зашто Тој рече и тие настанаа; Тој заповеда и се создадоа.

10Господ ги руши помислите на не­знабошците, ги спречува намерите на народите.

11А замислата Господова вечно останува; мислите на срцето Негово од род во род.

12Блажен е оној народ, на кој Господ му е Бог, и луѓето, кои Тој ги избрал за наследство Свое.

13Од небесата гледа Господ, ги гледа сите синови човечки;

14од престолот, на кој седи, ги на­б­људува сите, кои живеат по Земјата:

15Тој, Кој на сите ним им ги создал срцата, пази на сите дела нивни.

16Не го спасува царот голема војска; голема сила ни јунакот нема да го спаси.

17Несигурен е коњот за спасување, со големата сила своја не може да избави.

18Но, ете, очите Господови се врз оние, кои имаат страхопочит кон Него и кои имаат верба во милоста Негова,

19дека Тој ќе ја спаси душата нивна од смрт и во време на глад ќе ги прехрани.

20Душата наша се надева во Господ: зашто Тој е наш помошник и наш заш­титник,

21зашто во Него ќе се весели срцето наше; зашто во светото име Негово веруваме.

22Милоста Твоја нека биде над нас, Господи, онака како што Ти се надеваме.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>