1Осуди ги, Господи, оние кои ме осудуваат, и собори ги оние што се борат против мене;
2земи оружје и штит и дојди ми на помош;
3извади го мечот и пресретни ги гонителите мои; кажи ѝ на душата моја: „Јас сум спасение Твое!“
4ⓝНека бидат посрамени и исмеани оние што ја бараат душата моја: нека се повлечат и нека се посрамат, оние што ми мислат зло;
5ⓞнека бидат како прав пред ветрот, и ангел Господов да ги прогонува,
6ⓟпатот нивни нека биде темен и лизгав, и ангел Господов да ги прогонува,
7ⓠбидејќи без причина поставија тајна мрежа за моја пропаст, без причина ѝ копаат гроб на душата моја.
8ⓡНека дојде врз нив ненадејна замка и мрежата нивна, што ја поставија за мене, да ги улови самите нив; нека се сплеткаат во неа и нека загинат.
9А мојата душа ќе се радува во Господ, ќе се весели поради спасението од Него.
10ⓢСите коски мои ќе речат: „Господи, кој е подобен на Тебе, Кој спасуваш слаб од силен, беден и сиромав од ограбувачите нивни?“
11ⓣСе кренаа против мене злобни сведоци: и за она што не го знам ме сослушуваат;
12ⓤми враќаат зло за добро, и душата моја запаѓа во осаменост.
13А кога тие боледуваа, јас се облекував во вреќиште, ја истоштував душата моја со пост, и молитвата ми се враќаше во градите мои.
14ⓥПостапував така, како тој да беше ближен мој, мој брат; одев тажен со наведната глава како оној што тагува по сопствената мајка.
15А сега, кога јас паднав, тие се зарадуваа и се собраа против мене, ми задаваа рани, а да не знам зошто, ме кинеа и не престануваа;
16ме доведоа до искушение, ми се потсмеваа многу и со забите свои крцкаа против мене.
17ⓦО, Господи, до кога ќе го гледаш тоа? Оттргни ја душата моја од нивните навалувања, мојата осамена душа — од тие лавови.
18ⓧТогаш ќе Ти благодарам Господи, на големото собрание, меѓу многуброен народ ќе Те восфалувам;
19ⓨне допуштај да се зарадуваат над мене оние, кои ми се непријатели без причина, кои ме мразат без вина и намигнуваат со очите.
20ⓩЗашто тие не мислат за мир, туку смислуваат измами против мирните во земјата.
21Ги отворија устите свои против мене, велејќи: „Аха! Аха! Очите наши видоа!“
22ⓐТи виде Господи, немој да премолчиш; Господи, не отстапувај од мене!
23ⓑСтани, разбуди се да ме одбраниш, о Боже мој и Господи мој, води ја мојата парница!
24Пресуди ми според Твојата праведност, Господи, Боже мој, та да не ликуваат оние над мене;
25ⓒза да не речат во срцата свои: „Ни се исполни желбата!“ и да не кажат: „Го проголтавме.“
26Нека бидат посрамени и исмејани сите, кои се радуваат на мојата несреќа; да се облечат во срам и бесчестие, оние што се гордеат над мене.
27ⓓНека се зарадуваат и нека се развеселат, оние што го сакаат моето праведно дело, и непрестајно нека велат: „Велик е Господ, Кој му се радува на доброто на Својот слуга!“
28ⓔИ јазикот мој ќе зборува за праведноста Твоја и за Твојата похвала секој ден.