Псалми 44:1-26 MKDB2006 - Bible AI

1Боже, со ушите наши чувме, а тат­ковците наши ни раскажуваа за делото што си го направил во нивните дни, во деновите древни.

2Ти со Твојата рака си истребил на­роди, а нив си ги населил; си униш­тил народи, а нив си ги раширил;

3бидејќи тие не со меч ја придобија земјата, и нивните мишки не ги спа­силе, туку Твојата десница и Твојата мишка и светлината на Твоето лице, зашто Ти беа по волја.

4Боже, само Ти си цар мој и Бог мој, Кој му извојува победа на Јаков.

5Со Тебе, ги потиснавме нашите не­пријатели, и со Твоето име ќе ги униш­тиме оние, што стануваат против нас;

6зашто јас нема да се надевам на мојот лак и мечот мој нема да ме спаси;

7туку Ти нѐ спаси од непријателите наши и ги посрами оние што нѐ мразат.

8Со Бога се фалевме секој ден и Твоето име вечно ќе го прославуваме.

9Но сега Ти нѐ отфрли и нѐ посрами, па не излегуваш, Боже, со нашите вој­ски;

10нѐ сврти во бегство пред непријателите наши, и оние, што нѐ мразат, нѐ ограбуваа.

11Нѐ предаде како овци на клање и нѐ растури меѓу незнабошците.

12Евтино го продаде народот Свој, не бараше висока цена за нив;

13нѐ предаде за презир кај соседите наши, за потсмев и хулење на оние, кои живеат околу нас;

14нѐ направи за приказ меѓу незна­бошците, и мнозина ја вртат главата.

15Секој ден срамот мој е пред мене, и црвенило го покрива лицето мое,

16од гласот на оној што се потсмева и од клеветникот, пред очите на непријателите и одмаздниците.

17Сето тоа нѐ снајде нас, но ние не Те заборавивме Тебе и не го нарушивме Заветот Твој.

18И не отстапи срцето наше, и стапките наши не се отклонија од Твојот пат,

19кога нѐ порази во местото, каде што живеат чакали и нѐ покри со смртна сенка.

20Ако го бевме заборавиле името на нашиот Бог и да ги бевме протегнале рацете наши кон туѓ бог,

21зар Бог тогаш немаше да дознае за тоа? Зашто Тој ги знае тајните на срцата.

22Заради Тебе нѐ убиваат секој ден, нѐ сметаат како овци определени за клање.

23Разбуди се, зошто спиеш, Госпо­ди!? Разбуди се, и не отфрлај нѐ засекогаш!

24Зошто го одвраќаш лицето Свое, ја забораваш бедата наша и неволјата наша?

25Бидејќи душата наша се понизи до прав, а утробата ни се прилепи за земјата,

26стани, Господи, и помогни ни, избави нѐ поради љубовта Твоја.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>