Псалми 45:1-17 MKDB2006 - Bible AI

1Од срцето мое се изливаат благи зборови; Му ги посветувам на Царот стиховите мои; јазикот ми е како перо на брзописец.

2Ти си најпрекрасниот меѓу сино­вите човечки, благодат се излива од Твојата уста; затоа Бог Те благо­словил довека.

3Препаши го на бедрото мечот Свој, о силнику: во Својата красота и уба­вина!

4И така величествен, поитај побе­доносно заради вистината, кротоста и правдата, и Твојата десница ќе по­каже чудесни дела.

5Изострени се Твоите стрели, народите ќе паднат пред Тебе, — тие ќе се забодат во срцата на царските непријатели.

6Твојот престол, Боже, е вечен: же­золот на правдата е жезол на Твоето царство.

7Ти ја љубиш праведноста и го мра­зиш беззаконието; затоа, Бог, Твојот Бог, Те помаза со миризливо масло на радоста повеќе од Твоите собраќа.

8Сите Твои облеки мирисаат на смирна, алој и касија; кога излегуваш од дворците од слонова коска, харфи те развеселуваат.

9Царски ќерки се во Твојата по­чесна придружба; царицата стои покрај Тебе оддесно, украсена со офирско злато.

10Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое: заборави го твојот народ и домот на таткото твој!

11Зашто Царот ја посака твојата уба­вина, зашто Тој е твој Господар и приклони Му се тогаш ти.

12И ќерката тирска ќе Му се поклони со подароци и најбогатите меѓу народот ќе ја бараат твојата благонаклоност.

13Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато;

14во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот; по неа одат девици, нејзини другарки.

15Ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец.

16Место твоите татковци, овде ќе бидат твоите синови; Ти ќе ги поста­виш за кнезови по целата земја.

17Ќе го спомнуваат името Твое од род во род; затоа народите ќе Те сла­ват од век до век.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>