Псалми 50:1-23 MKDB2006 - Bible AI

1Бог над боговите, Господ, говори и ја повикува земјата од сончевиот изгрев до запад.

2Од Сион, кој е врв на убавината, заблескува Бог;

3доаѓа нашиот Бог, и нема да молчи; пред Него ќе има оган што проголтува, околу Него бура.

4Тој ќе ги повика небото горе и земјата, за да му суди на Својот народ:

5„Соберете ги кај Мене светиите Мои, кои Ми се заветуваа преку жрт­ва!“

6И небесата ќе ја огласат Неговата праведност, зашто Бог е судија.

7„Чуј, народе Мој, и Јас ќе говорам, Израеле, ќе сведочам против тебе: Јас сум Бог, Твој Бог.

8Нема да те прекорувам поради твоите жртви; твоите сепаленици секогаш се пред Мене;

9нема потреба да примам телци од твојот дом, ниту козли од стадата твои,

10зашто Мои се сите горски ѕверови и добитокот по горите и говедата.

11Ги познавам сите птици небески, и убавината на полињата е пред Мене,

12ако огладнам, нема да ти кажам тебе, зашто Моја е вселената и сѐ што ја исполнува.

13Зар Јас јадам јунешко месо и пијам крв јарешка?

14Принеси Му на Бога благодар­ствена жртва и исполнувај ги своите завети пред Севишниот.

15И повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, а ти ќе Ме прославиш.“

16А на грешникот Бог му вели: „Зошто напамет ги кажуваш Моите одредби и со уста го спомнуваш Мојот за­вет?“

17А самиот ја мразиш поуката Моја и зад грб ги фрлаш зборовите Мои?

18Кога ќе видиш крадец, се збли­жуваш со него и со прељубници се дру­жиш;

19устата твоја е полна со злоба, и јазикот твој измами плете;

20седиш и го клеветиш братот свој, синот на својата мајка го озборуваш.

21Ти го изврши тоа, а Јас молчев; ти си помисли дека Јас сум, каков што си ти. Ќе те изобличам и ќе ти ги изнесам пред лицето твое.

22Разберете го ова вие, кои Го заборавате Бога, за да не ве раскине, па тогаш ќе нема избавител.

23Кој принесува жртва благодарствена, тој Ме прославува, и кој го следи Мојот пат, нему ќе му го сооп­штам Божјото спасение.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>