Псалми 78:1-72 MKDB2006 - Bible AI

1Слушни ги народе мој поуките мои, нека чуе увото ваше што зборува устата моја.

2Ја отворам устата своја со парабола и ќе зборувам за непознатите работи од старо време,

3работи што ги чувме и дознавме и што ни раскажуваа татковците наши,

4нема да ги криеме од нивните деца, на идниот род ќе му раска­жуваме за славата на Господ и силата Негова, и чудесата Негови што Тој ги изврши.

5Тој подигна сведоштво во Јаков и положи закон во Израел, и им заповеда на татковците наши сето тоа да им го објават на децата свои,

6за да знае идниот род, децата, што ќе се родат, та и тие во свое време да им раскажуваат на своите деца,

7да ги полагаат надежите свои во Бога, да не ги забораваат делата Бож­ји, да ги чуваат Неговите заповеди

8и да не бидат како татковците нивни — род тврдоглав и бунтовен, непостојан по срце и не Му остана верен на Бога со духот свој.

9Синовите Ефремови, вооружени, стрелајќи со лакови, отстапија во денот на битката:

10тие не го запазија заветот на Бога и не сакаа да одат по Неговиот закон.

11Ги заборавија Неговите добрини и чудеса, што им ги беше покажал,

12чудесата што пред очите на нив­ните татковци ги направи во египетската земја, во полињата на Цоан;

13го раздвои морето и ги преведе преку него, и ги постави водите како насип;

14дење ги водеше со облак, а по цела ноќ — со огнена светлина;

15разби карпа во пустината и ги на­пои како од голема бездна.

16Од карпата изведе вода, и води по­текоа како реки.

17Но тие продолжуваа и понатаму да грешат пред Него и да Го огорчуваат Севишниот во пустината:

18Го искушуваа Бога со срцето свое, барајќи храна за своето лакомство,

19па Го нападнаа Бога, велејќи „Мо­же ли Бог да приготви трпеза во пустина?“

20Ете, Тој удри во карпа — и бликнаа води, потекоа потоци. Може ли Тој да му даде и леб, може ли да му приготви месо на Својот народ?

21Поради ова што го чу, Господ се разгневи и пламна во гнев, и оган се разгоре против Јаков и гнев се крена против Израел,

22затоа што не поверуваа во Бога и не се надеваа на спасението во Него.

23Тој им заповеда на облаците одозгора и се отворија вратите на небесата,

24па им истури дожд од мана да јадат, и им даде леб небесен.

25Леб ангелски јадеше човекот: Тој им испрати храна до наситување.

26Го раздвижи од небото јужниот ветар и со силата Своја го дотера југо­западниот ветар,

27па ги обложи со месо како со прав и со птици пернати како со песок морски:

28ги нафрла среде нивниот табор, околу нивните живеалишта,

29и тие јадеа и се заситија: и тоа што го сакаа, им го даде.

30Но уште не беше минала нивната желба, и храната уште им беше во устата нивна,

31а гневот Божји дојде врз нив, ги уби нивните најсилни и израелските момчи­ња ги погуби.

32При сето тоа тие продолжуваа да грешат и не поверуваа во чудесата Не­гови.

33И така им минеа дните нивни по­пусто и годините нивни во ужас.

34Кога ги убиваше, тогаш Го бараа, се обраќаа и прибегнуваа кон Бога,

35и се сеќаваа дека Бог е нивен по­мошник и дека Севишниот Бог е нивен избавител.

36Но со устата своја Го мамеа, со јазикот свој лажеа пред Него;

37срцето нивно не Му беше наполно верно, и тие не беа цврсти во заветот Негов.

38Но Тој, Милостивиот, им го простуваше гревот и не ги истребуваше, мно­гупати ја отстрануваше јароста Своја и не го разгоруваше сиот Свој гнев:

39Тој ќе си спомнеше дека се тие тело и здив што оди и не се враќа.

40Колкупати Го беа огорчувале во пустината и Го беа разгневувале во без­водната земја!

41И отстапуваа и одново Го иску­шуваа Бога и Го раздразнуваа Светецот Израелов;

42не се сеќаваа на Неговата рака, ни на денот кога Тој ги избави од непријателот;

43кога ги покажа во Египет Своите знаци и во полињата на Цоан — Своите чудеса;

44и ги претвори реките нивни и потоците нивни во крв, за да не можат да пијат;

45испрати на нив бубачки да ги боц­каат и жаби да ги уништат;

46житото нивно го предаде на гасеници и трудот нивен на скакулци;

47лозјата им ги исчука со град и смок­вите нивни — со слана.

48И добитокот нивен го уништи со град, а имотот нивен — со оган;

49го испрати врз нив гневот на јароста Своја, јарост, и гнев, и маки — одред зли ангели;

50го отвори патот на Својот гнев, не ги поштеди од смрт ни душите нивни и добитокот нивен го предаде на помор;

51уништи сѐ што беше првородено во Египет, првините од нивниот труд во шаторите на Хам.

52Тогаш го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо преку пус­тината:

53ги водеше сигурно, и тие не се упла­шија; непријателите нивни ги покри морето —

54и Ги воведе во светата Своја гора, онаа, која десницата Негова ја беше придобила;

55и ги изгони од пред лицето нивно народите, а земјата им ја раздели со ждрепка во нивно наследство, и ги на­сели израелските колена во полињата нивни.

56Но тие Го искушуваа и Го огор­чуваа Бога Севишниот и не ги пазеа наредбите Негови.

57Отстапија и се оттргнаа како тат­ковците нивни, се претворија во искривен лак.

58Го разгневуваа на ридовите свои и со своите идоли Го раздразнуваа.

59Бог го чу тоа, се разгневи многу, го отфрли Израел;

60ја отфрли скинијата во Силом, во која се всели Тој меѓу луѓето;

61и ја предаде во ропство нивната кре­пост и убавината нивна во рацете на непријателот;

62па го предаде Својот народ на меч и се разгневи на Своето наследство.

63Момчињата нивни оган ги гол­таше, и за девојките нивни немаше свадбени песни;

64свештениците нивни паѓаа од меч, и вдовиците нивни не беа оплакувани.

65Тогаш се разбуди Господ како од сон, како јунак од вино совладан,

66и ги порази непријателите Свои од зад грб и ги предаде на вечен срам.

67И го отфрли Јосифовиот шатор и не го избра коленото Ефремово,

68туку го избра коленото Јудино, го­рата Сион, која ја возљуби.

69И изгради светилиште Свое како небото и како Земјата го утврди засекогаш,

70и го избра Давид, својот слуга, го зеде од овчите стада,

71и од овците што се јагнат го доведе за да го пасе народот Негов, Јаков и Из­раел, наследството Негово.

72И Тој ги пасеше со чисто срце и ги водеше со Својата мудра рака.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>