Римјаните 1:1-32 MKDB2006 - Bible AI

1Павле, слуга на Исус Христос, повикан за апостол, издвоен за Еван­гелието Божјо,

2кое Бог однапред го беше ветил пре­ку пророците, во Светите Писма,

3за Својот Син, по тело роден од се­мето Давидово,

4одреден како Син Божји во силата, по Духот на светоста, преку воскресението од мртвите, Исус Христос, наши­от Господ.

5Преку Него добивме благодат и апостолство за да ги приведеме на пос­лушност кон верата меѓу сите народи во Негово име,

6меѓу кои сте и вие, повиканите од Исус Христос.

7До сите вас во Рим, возљубени од Бога и повикани да бидете свети: благодат и мир од Бог Отецот наш и Господ Исус Христос.

8Пред сѐ, Му благодарам на Мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, зашто за вашата вера се разгласува по целиот свет;

9Бог, Кому Му служам со својот дух, преку Евангелието на Неговиот Син, сведок ми е дека постојано си спомнувам за вас

10секогаш кога во молитвите свои се молам, та со Божја волја некако да ми се даде да дојдам кај вас.

11Зашто копнеам да ве видам, па да ви предадам некој духовен дар за да ста­не­те поцврсти,

12односно, взаемно да си помогнеме преку заедничката вера — вашата и мојата.

13Би сакал да знаете, браќа, дека мно­гупати бев на мисла да дојдам кај вас, да имам некаков плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи, но сѐ досега бев попречуван.

14Должник сум кон Елините и варва­рите, кон мудрите и кон неразумните.

15Затоа, што се однесува до мене, под­готвен сум и вам во Рим да ви го проповедам Евангелието.

16Зашто јас не се срамам од Еван­ге­лието на Христос, бидејќи тоа е сила Божја која го спасува секого што верува, прво Јудеец, а потоа и Елин.

17Бидејќи во него се открива правдата Божја, од верата и во верата, како што е напишано: „Праведникот преку верата ќе живее.“

18Зашто гневот Божји се открива од небото против секоја безбожност и не­правда на луѓето кои вистината ја спре­чуваат со неправда.

19Па така, она, кое може да се знае за Бога, ним им е откриено, бидејќи Бог тоа им го открил.

20И навистина, она што е во Него не­видливо, односно вечната Негова сила и Божественост, согледливи се уште од создавањето на светот, гледано според Неговите дела, па така тие немаат из­го­вор.

21Зашто, кога Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту пак, Му благодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи;

22тврдејќи дека се мудри, тие обезумија,

23и славата на непропадливиот Бог ја заменија со лик на смртен човек, на птици, на четириножни животни и на лазачи.

24Затоа и Бог, според желбите на ср­цата нивни, ги предаде на нечистота, па сами да си ги обесчестуваат своите те­ла.

25Тие ја заменија вистината Божја со лага и му се поклонија и му служеа на создаденото повеќе отколку на Соз­да­те­лот, Кој е благословен во вечни векови. Амин!

26Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните по­треби ги заменија со противприродни.

27И мажите исто така, напуштајќи го природното општење со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи ја заслужената отплата за својата изопаченост.

28И бидејќи не се обидоа да Го задржат Бога во разумот свој, затоа Бог ги предаде на нивниот изопачен ум — да го прават она што не прилега,

29исполнети со секаква неправда, лу­кавство, алчност, злоба; полни со за­вист, убиства, кавги, измами, злонамерност;

30озборувачи, клеветници, богомрасци, насилници, фалбаџии, горделивци, измислувачи на зло, непослушни кон родителите,

31неразумни, неверни, недружељуби­ви, непомирливи, немилостиви.

32Тие, иако ја познаваат праведната одредба Божја дека оние, што вршат такви дела, заслужуваат смрт, сепак не само што ги вршат, туку се благона­кло­нети и кон оние што ги вршат.