Римјаните 13:1-14 MKDB2006 - Bible AI

1 Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, заш­то нема власт што не е дадена од Бога, и оние што ги има се одредени од Бога.

2Затоа, оној што се противи на власта, тој се противи на Божјата наредба. А оние, што се противат, ќе паднат под осуда.

3Зашто, началниците не се страшни за добрите дела, туку за лошите; сакаш ли, пак, да не се плашиш од власта, тогаш прави добри дела, па ќе добиеш и пофалба од неа;

4зашто таа е служител Божји за твое добро. Ако, пак, правиш зло, тогаш страхувај, бидејќи таа не носи залудо оружје; таа е служител Божји и со гнев се одмаздува на оној што прави зло.

5Затоа е нужно да се покорувате, и тоа не само поради страв, туку и поради совеста своја.

6Затоа и данок плаќате, зашто тие се Божји службеници, и со тоа постојано се занимаваат.

7И така, дајте секому што сте му дол­жни: кому сте му должни данок — нека му се даде данок; кому царина — царина; кому страхопочит — страхопочит; кому чест — чест.

8И не должете никому ништо освен да се сакате еден со друг; зашто оној што го љуби ближниот, го исполнува Законот.

9Бидејќи заповедите: „Не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, не барај туѓо!“, и секоја друга заповед се содржат во овие зборови: „Љуби го ближниот како самиот себеси!“

10Љубовта не му прави зло на ближ­ниот; и така, љубовта е исполнување на Законот.

11И тоа правете го, знаејќи го ова време: веќе дојде часот да се разбудите од сонот, зашто спасението е сега поблиску до нас отколку кога поверувавме.

12Ноќта одминува, а денот се прибли­жи; да ги отфрлиме, пак, сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината.

13Да живееме пристојно како дење — не во срамни гоштевки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во пре­пирка и завист;

14туку облечете се во Господ Исус Христос, и грижата за телото не прет­ворајте ја во страсти.

>