Римјаните 7:1-25 MKDB2006 - Bible AI

1Или, пак, не знаете, браќа, — им зборувам на такви што го познаваат Законот — дека Законот има власт над човекот додека е тој жив?

2Омажената жена е поврзана преку законот со мажот, додека е тој жив; ако умре мажот, таа се ослободува од за­ко­нот, кој ја сврзал со мажот.

3Затоа, ако се омажи за друг маж, до­дека ѝ е уште жив нејзиниот маж, таа ќе стане прељубница; ако, пак, умре ма­жот, таа е слободна од законот, и нема да биде прељубница, кога ќе се омажи за друг човек.

4Па така и вие, браќа мои, за Законот преку телото на Исус Христос умревте, за да Му припаднете на Друг, на Оној Кој беше воскреснат од мртвите, та да Му принесеме плод на Бога.

5Зашто, кога живеевме во телото, то­гаш страстите гревовни, преку Законот, дејствуваа во органите, за да ѝ прине­се­ме плод на смртта;

6но сега, ние сме слободни од Зако­нот, откако умревме за она за што тој нѐ држеше врзани, за да Му служиме на Бога со обновен дух, а не според старата буква.

7Што да речеме пак? Зар Законот е грев? Никако! Но јас го разбрав гревот преку Законот, зашто и похотата не би ја познал, ако Законот не велеше: „Не биди похотлив!“

8Но гревот, поттикнат од заповедта, предизвика во мене секаква похота; бидејќи гревот без Законот е мртов.

9Некогаш живеев без Законот; но ко­га дојде заповедта, гревот оживеа.

10Јас, пак, умрев, и се покажа дека за­поведта, назначена за да даде живот, ис­тата води во смрт,

11зашто гревот, поттикнат од за­по­ведта, ме измами и преку неа ме ум­р­т­ви.

12Така, значи, Законот е свет, и за­по­ведта света, справедлива и добра.

13Па така, доброто ли за мене стана смрт? Никако! Но гревот, за да се по­ка­же дека е грев, ми предизвикува преку доброто смрт, та преку заповедта гре­вот да стане премногу грешен.

14Зашто знаеме дека Законот е ду­хо­вен, а јас, пак, сум телесен, продаден на гревот како роб.

15Не го разбирам тоа што го правам; бидејќи не го правам она што сакам, ту­ку она што го мразам, тоа го правам.

16Ако, пак, го правам она што не го сакам, тогаш се согласувам со Законот дека е добар.

17Значи, тоа веќе не го правам јас, ту­ку гревот, што живее во мене.

18Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; навистина желба за добро во мене има, но не и сила да го правам тоа.

19Зашто не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам.

20А штом го вршам она што не го са­кам, не го вршам веќе јас, туку гревот, кој живее во мене.

21И така, во себе наоѓам ваков закон: кога сакам да го правам доброто, злото ми е близу.

22Бидејќи, според својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји,

23но во своите телесни делови гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме држи заробен во грево­в­ниот закон, кој е во моите органи.

24Колку несреќен човек сум јас! Кој ќе ме избави од ова тело на смртта?

25Му благодарам на својот Бог преку Исус Христос, нашиот Господ. И така, јас самиот со умот свој му служам на Божјиот закон, а со телото — на гревов­ниот закон.