Римјаните 9:1-33 MKDB2006 - Bible AI

1Ви зборувам вистина во името на Христос, не лажам — тоа го сведочи мојата совест во Светиот Дух —

2дека има голема тага и непрестана болка во моето срце.

3Зашто повеќе би сакал јас да бидам проклет и одвоен од Христос за браќата свои, моите сродници по тело.

4Тие се Израелци — ним им припаѓа посинувањето и славата и заветите, ним им беше даден Законот, и богослужење­то и ветувањата;

5нивни се и татковците, од кои по­тек­нува и Христос, Кој е Бог на сите, бла­гословен до века. Амин!

6А не е можно словото Божјо да из­не­ве­рило: бидејќи не се Израел сите оние што се од Израел.

7Ниту, пак, се сите потомци Авра­амови, затоа што се негови чеда; но ре­че­но е: „Од Исак потомството ќе се на­ре­че со твое име.“

8Односно, не чедата на телото се чеда Божји, туку чедата на ветувањето ќе се признаат како потомци.

9Бидејќи зборовите на ветувањето се овие: „Во тоа време ќе дојдам и Сара ќе има син.“

10И не само таа, но и Ревека, која на­еднаш зачна од Исак, нашиот татко,

11зашто, уште додека не се беа родиле близнаците и сѐ уште ништо не беа на­правиле, добро или лошо, за да остане Божјата одлука, онаа според слободен избор, да не зависат од делата, туку

12според Оној Кој повикува, ѝ беше речено: „Постариот ќе му служи на по­младиот“,

13како што е напишано: „Јаков го воз­љубив, а Исав го намразив.“

14Што да речеме пак? Зар има не­правда во Бога? Никако!

15Зашто Тој му рече на Мојсеј: „Ќе покажам милост кон оној што ќе го по­милувам, и сожалување кон оној што ќе го сожалам.“

16И затоа, изборот не зависи од оној кој пожелува, ниту од оној кој трча, ту­ку од Бога, Кој покажува милост.

17Зашто Писмото му вели на фа­ра­онот: „Токму за тоа те издигнав, за да ја покажам над тебе Својата моќ и името Мое да биде проповедано по целата земја.“

18Па така, му искажува милост кому што сака, и го закоравува кого што са­ка.

19Но ти секако ќе ми речеш: „А зош­то тогаш уште нѐ кори?“ А кој може да се спротивстави на Неговата волја?

20Ама, човеку, кој си ти што така се спориш со Бога? Зарем она што е ракотворено ќе му рече на својот мајстор: зошто си ме направил такво?

21Или, пак, грнчарот — зарем не е гос­подар над својата глина, па од една и ис­та смеса да направи еден сад за почесна, а друг за нечесна употреба?

22Што, ако Бог, сакајќи да го покаже гневот Свој и да ја пројави Својата моќ, со голема долготрпеливост трпел некои садови на гневот, приготвени за погибел,

23за да го покаже богатството на Сво­јата слава над садовите на милосрдието што Тој однапред ги приготвил за сла­ва,

24над нас, кои нѐ повика не само од Јудејците, туку и од незнабошците?

25Така се вели и во книгата на Осија: „Ќе го наречам Мој народ оној кој не беше Мој народ, и возљубена — онаа што не беше возљубена.“

26И на она место, каде што им беше речено: „Вие не сте Мој народ“, таму ќе бидат наречени синови на живиот Бог.

27А Исаија извика за Израел: „Кога Израеловите синови би биле бројни како морскиот песок, само остатокот ќе биде спасен“,

28зашто ќе го заврши делото и ќе реши по правда: „Господ ќе го изврши во потполност словото на земјата.“

29И како што прорече Исаија: „Ако Господ Саваот не ни беше оставил потомство, ќе станевме како Содом и ќе заприлегавме на Гомора.“

30И што да кажеме сега? Незна­бош­ците, кои не бараа праведност, добија пра­ведност, и тоа праведност што доаѓа од верата.

31И Израел, кој тежнееше кон не­ка­ков закон за праведност, не го достигна Законот на правдата.

32Зошто? Зашто не го побара од вера, туку од делата на Законот. Се препна од каменот за сопнување,

33како што е напишано: „Еве, по­ла­гам на Сион камен за сопнување и кар­па за соблазна; и секој, кој верува во Не­го нема да се посрами.“