Рута 1:1-22 MKDB2006 - Bible AI

1Во она време, кога управуваа судиите, настана глад во земјата. И еден човек од Витлеем Јудејски отиде да живее во моавските полиња, заедно со жена си и двајцата сина.

2Името на тој човек му беше Елимелех, името на жена му Ноемина, а двајцата синови негови се викаа Малон и Килион: тие беа од родот на Ефрат, од Витлеем Јудејски. И дојдоа во моавските полиња и останаа таму.

3Елимелех, мажот на Ноемина, умре, и таа остана со двајцата синови свои.

4Тие си зедоа за жени Моавки — на едната името ѝ беше Орпа, а на другата — Рута; и живееја таму околу десет години.

5Но подоцна и обајцата синови нејзини, Малон и Килион, умреа, и остана таа жена без двајцата синови свои и без мажот свој.

6Тогаш таа се крена со снаите свои за да замине од моавските полиња, бидејќи беше чула во моавските полиња дека Бог го посетил Својот народ и му дал леб.

7И таа тргна од она место, каде што живееше, и двете снаи нејзини со неа. Кога одеа по патот, враќајќи се во јудејската земја,

8Ноемина им рече на двете свои снаи: „Одете и вратете се секоја во куќата на својот татко; Господ нека ви направи милост, според тоа како постапувавте со покојните и со мене!

9Нека ви даде Господ да најдете прибежиште секоја во куќата на својот маж!“ И ги бакна. Но тие повикаа, и заплакаа, па

10ѝ рекоа: „Не, ние ќе се вратиме со тебе кај твојот народ.“

11А Ноемина рече: „Вратете се, ќерки мои; зошто ќе доаѓате со мене? Зарем уште имам во утробата своја синови, кои би ви станале мажи?

12Вратете се, ќерки мои, одете си, бидејќи сум веќе стара и не можам да се омажам; па и да речев: ‚уште имам надеж‘, и дури оваа ноќ да се омажам и подоцна да родам синови,

13ќе можете ли да чекате додека да пораснат? Можете ли да се воздржите да не се омажите? Не, ќерки мои, многу ми е жал за вас, зашто раката Госпо­дова се сврте против мене.“

14Тие повикаа и пак заплакаа. И Ор­па се прости со свекрвата своја, а Рута остана со неа.

15Ноемина ѝ рече: „Ете, твојата јатрва се врати кај својот народ и кај своите богови; врати се и ти по јатрвата своја.“

16Но Рута одговори: „Не ме принудувај да те оставам и да се одделам од тебе; каде што ќе одиш ти, таму ќе дојдам и јас, и каде ќе живееш ти, таму ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог — мој Бог;

17и каде што ќе умреш ти, таму и јас ќе умрам и ќе бидам погребана; Господ нека ме казни и уште полошо нека ми додаде, ако нешто друго освен смртта ме раздели од тебе.“

18Ноемина, откако виде дека таа цврс­то е решена да оди со неа, престана да ѝ зборува.

19И одеа тие двете додека стигнаа до Витлеем; целиот град се возбуди поради нив, и прашуваа: „Оваа ли е Ноемина?“

20Таа им рече: „Не ме викајте Ное­мина[1], викајте ме Мара[2], зашто Семоќ­ниот ме исполни со премногу горчина.

21Јас излегов одовде полна, а Господ ме врати празна: зошто да ме викате Ноемина, кога Господ ме принуди да страдам, Семоќниот ми испрати несреќа?“

22И Ноемина се врати, а заедно со неа и снаата нејзина, Моавката Рута, која дојде од моавските полиња; тие пристигнаа во Витлеем, кога беше почнала жетвата на јачменот.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
>