1ⓚПо оние настани беше упатено слово Господово кон Аврам во видение: „Не плаши се, Авраме! Јас сум ти закрила, и наградата твоја ќе биде многу голема.“
2ⓛА Аврам рече: „Господи, зошто ми се Твоите дарови кога сум без пород, а наследник во мојата куќа е Елиезер од Дамаск?“
3И пак рече Аврам: „Бидејќи, Ти не ми даде потомство, ете, затоа еден од слугите родени во куќата моја, ќе биде мој наследник.“
4Но Господ пак проговори: „Нема тој да ти биде наследник, туку оној, кој ќе произлезе од тебе, тој ќе ти биде наследник.“
5ⓜПа го изведе надвор и му рече: „Погледни на небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги изброиш.“ И му рече: „Толкаво ќе биде потомството твое.“
6ⓝИ Му поверува Аврам на Господ, и тоа му се засмета за праведност.
7ⓞИ му рече: „Јас сум Господ, Кој те изведе од Ур Халдејски за да ти ја дадам оваа земја, да ја владееш.“
8А тој рече: „Господи, Господи, по што ќе познаам дека ќе ја наследам?“
9И му рече: „Принеси Ми јуница од три години, и коза тригодишна, и овен од три години, а и грлица и млад гулаб!“
10ⓟИ тој го зеде сето тоа, и ги пресече на половина и ги стави сите половини една спроти друга; само птиците не ги преполови.
11А птици грабливки слетуваа на лешевите; но Аврам ги бркаше.
12ⓠА кога сонцето беше на залез, го совлада Аврам длабок сон, и ете, го опфати голем мрак — и го обзеде ужас.
13ⓡИ Господ му рече на Аврам: „Знај дека потомците твои ќе бидат придојдени во туѓа земја, ќе робуваат и ќе ги мачат четиристотини години.
14ⓢНо јас ќе го судам народот кај кого тие ќе бидат во ропство; потоа тие ќе излезат оттаму со големо богатство.
15А ти ќе отидеш кај татковците свои во мир, и ќе бидеш погребан во среќна старост.
16Тие, пак, во четвртото колено ќе се вратат ваму; зашто беззаконијата на Аморејците уште не го достигнале својот врв.“
17А кога сонцето зајде и падна мрак, ете, дим како од печка и огнен пламен, помина меѓу оние делови.
18ⓣВо тој ден Господ направи завет со Аврам, велејќи: „На потомството твое му ја давам оваа земја од реката во Египет до големата река Еуфрат:
19Кенијците, Кенизијците, Кадмонијците,
20ⓤХитијците, Перизијците, Рефаимците,
21Аморејците, Хананците, Гергесејците и Јевусијците!“