Создавање 28:1-22 MKDB2006 - Bible AI

1Затоа Исак го повика Јаков, го благослови, и му заповеда, ве­лејќи: „Немој да земеш жена од ќер­ките ханански!

2Стани, па оди во рамнината Арам, во домот на Ветуил, таткото на твојата мајка, и оттаму земи си жена, од ќер­ките на Лаван, братот на мајка ти.

3И семоќниот Бог нека те благо­слови, и нека те издигне и нека те у­множи, та од тебе да настанат многу народи.

4Да ти го даде благословот на Ав­раам, мојот татко, тебе и на потомството твое по тебе, за да ја наследиш земјата, во која си придојден, а која Бог му ја даде на Авраам!“

5Така Исак го испрати Јаков, и тој отиде во рамнината Арам кај Лаван, синот на Ветуил Арамеецот, кај братот на Ревека, мајката на Јаков и Исав.

6Кога Исав виде како Исак го благослови Јаков и го испрати во рам­нината Арам оттаму да си земе жена, и како благословувајќи го, му заповеда: „Не земај жена од ќерките ханански“,

7и дека Јаков го послуша таткото свој и мајка си, и замина за рамнината Арам;

8Исав разбра дека ќерките ханански не му се по волја на Исак, таткото негов.

9И отиде Исав кај Исмаил, и ја зеде за жена Махалата, ќерката на Исмаил, синот Авраамов, сестра Навајотова.

10Јаков, пак, ја напушти Вирсавија и отиде во Харан,

11па најде едно место, и таму пре­ноќева, бидејќи сонцето беше зашло. И зеде еден камен од тоа место, и си го кладе под главата, па заспа на тоа место.

12И виде сон: ете, скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и ангели Божји се качуваа по неа и слегуваа.

13А ете, Господ стоеше на неа, Кој му рече: „Јас сум Господ Бог на таткото твој Авраам и Бог Исаков. Оваа земја, на која лежиш, ќе ти ја дадам тебе и на потомството твое;

14а потомството твое ќе биде колку песокот на земјата; ти ќе се рашириш на запад и на исток, и на север и на југ, и сите племиња на земјата ќе бидат благословени поради тебе и поради потомството твое.

15И еве, Јас сум со тебе, и ќе те чувам насекаде каде и да појдеш, и ќе те вратам во оваа земја, и нема да те оставам сѐ додека не го извршам она што сум ти рекол.“

16А кога се разбуди Јаков од сонот, си рече: „Сигурно е Господ на ова место; а јас не знаев!“

17Се уплаши и рече: „Колку е страшно ова место! Ова е дом Божји, ова е вратата небеска!“

18И стана Јаков утредента рано, го зеде каменот, што го беше ставил под глава, и го постави како спомен, па го прелеа со масло.

19И тоа место го нарече Ветил; а порано името на овој град му беше Луз.

20И се зарече Јаков, велејќи: „Ако Бог биде со мене и ме зачува на овој пат, по кој одам, и ако ми даде леб да јадам и облека да се облекувам,

21и се вратам мирно во домот на таткото мој, и ми биде Господ мој Бог,

22тогаш овој камен што го поставив како споменик ќе биде дом Божји. И од сѐ, што ќе ми дадеш, Тебе ќе Ти давам една десетина.“

>