Создавање 35:1-29 MKDB2006 - Bible AI

1И му рече Бог на Јаков: „Стани, оди горе во Ветил и живеј таму; и направи таму жртвеник на Бога, Кој ти се јави, кога бегаше од лицето на Исав, братот твој.“

2Тогаш Јаков им рече на своите домашни и на сите, кои беа со него: „Исфрлете ги туѓите богови, што се кај вас, па исчистете се и преоблечете се.

3Да се кренеме и да отидеме во Ветил; таму ќе направам жртвеник на Бога, Кој ме чу во денот на неволјата моја, и беше со мене на патот, по кој одев.“

4И му ги дадоа на Јаков сите туѓи богови, што беа во нивни раце, и обетките, што ги имаа на ушите; и ги закопа Јаков под дабот кај Сихем.

5Потоа тргнаа. А страв Божји ги беше спопаднал околните градови, та не се кренаа во потера по синовите на Јаков.

6И Јаков дојде во Луз, во земјата хананска, а тоа е Ветил, самиот тој и луѓето што беа со него,

7и подигна таму жртвеник, и го нарече тоа место: Ел-Ветил, зашто таму му се беше јавил Бог, кога бегаше од лицето на својот брат.

8Тогаш умре Девора, доилката на Ревека, и ја погребаа подолу од Ветил, под дабот, кого Јаков го нарече Плачниот даб.

9И му се јави Бог на Јаков, откако се врати од рамнината Арам, и го благослови.

10И Бог му рече: „Името ти е Јаков, но отсега нема да се именуваш Јаков; името ќе ти биде Израел.“ И го нарече Израел.

11И уште му рече Бог: „Јас сум Ел-Шадај — Семоќниот Бог; плоди се и множи се; народ и многу народи ќе настанат од тебе и цареви ќе излезат од твоето колено.

12И ти ја давам земјата, што му ја дадов на Авраам и на Исак, твоја да биде, а и на потомството твое ќе му ја дадам оваа земја.“

13Потоа Бог се вознесе од местото, каде што му зборуваше.

14А Јаков подигна споменик на истото место, каде што му зборуваше Бог; споменик од камен, па изврши прели­вање и го прелеа со масло.

15И Јаков го нарече тоа место, каде што му зборуваше Бог, Ветил.

16Заминаа од Ветил. А кога им преостана уште малку пат до Ефрат, Рахила роди, и породувањето ѝ беше тешко.

17А кога таа се мачеше при раѓањето, бабицата ѝ рече: „Не плаши се, зашто и ова ќе ти биде син.“

18А кога душата ја напушташе, бидејќи умираше, Рахила го нарече Бенони. Но таткото му даде име Венијамин.

19И умре Рахила, и ја погребаа крај патот што води кон Ефрат, во Витлеем.

20И подигна Јаков споменик над гробот нејзин. Тоа е споменикот на гробот Рахилин до денешен ден.

21А кога замина оттаму, Израел го распна шаторот свој зад кулата Едер.

22И кога Израел живееше во таа земја, отиде Рувим, та легна со Билха, наложницата на неговиот татко. И тоа го дочу Израел. А Јаков имаше дванаесет синови.

23Синовите на Лија беа: Рувим, првенецот Јаковов, Симеон, Левиј, Јуда, Исахар и Завулон.

24А синовите на Рахила беа: Јосиф и Венијамин.

25Синови, пак, на Билха, слугинката на Рахила, беа Дан и Нефталим.

26А синови на Зелфа, слугинката на Лија, се: Гад и Асир. Тоа се синови Јаковови, кои му се родија во рамнината Арам.

27И дојде Јаков кај Исак, таткото свој, во Мамре, во Кирјат-Арба, односно во Хеврон, каде што Авраам и Исак беа доселеници.

28А Исак имаше сто и осумдесет години.

29И издивна Исак и умре, се прибра кај родот свој, стар и сит од животот. И го погребаа синовите негови Исав и Јаков.

>