Создавање 39:1-23 MKDB2006 - Bible AI

1А Јосиф го одведоа во Египет. И Потифар, дворјанинот фараонов, заповедник на стражата, Египќанец, го купи од Јишмаелците, кои го доведоа таму.

2И Господ беше со Јосиф, та затоа беше среќен, и живееше во куќата од господарот свој, Египќанецот.

3И господарот негов виде дека е Господ со него и дека сѐ што работеше тој, Господ правеше да успева во рацете негови.

4И Јосиф се здоби со милост кај него, и му служеше. Тој го постави над целиот свој дом, и сѐ што имаше, го предаде во рацете негови.

5А кога го постави над домот свој и над сѐ што имаше, оттогаш Господ го благослови домот на Египќанецот заради Јосиф; и благословот Господов беше над сѐ, што имаше во домот свој и во полето.

6И остави во Јосифовите раце сѐ што имаше, и не се грижеше веќе за друго, освен за лебот што го јадеше. А Јосиф беше со стројна става и со убаво лице.

7И се случи, по некое време, жената на господарот негов да се загледа во Јосиф, и му рече: „Легни со мене!“

8А тој одби и ѝ рече на жената од господарот свој: „Ете, господарот мој не се грижи веќе за ништо што има во куќата, туку сѐ што има, ми го предаде мене во рацете.

9Ни самиот не е поголем од мене во својот дом; и тој ништо не ми забранил, освен тебе, зашто си му жена; па како јас да направам толку големо зло и да згрешам пред Бога?“

10И така таа му зборуваше на Јосиф за тоа секој ден, но тој не ја послуша да легне со неа, ниту се задржуваше кај неа.

11Се случи еден ден тој да дојде во куќата по своја работа, а таму дома да нема никој од домашните.

12Тогаш таа го фати за облеката и му рече: „Легни со мене!“ Но тој, оставајќи ја облеката своја во рацете нејзини, избега и си отиде.

13А таа, кога виде дека тој ја остави во рацете нејзини облеката своја и избега,

14ги викна своите домашни, па им рече, велејќи: „Гледајте, ни довел човек Евреин за да нѐ срамоти! Дојде кај мене за да легне со мене, но јас извикав на сиот глас.

15А тој, кога чу дека го подигнав гласот и извикав, ја остави облеката своја кај мене и избега, па си отиде.“

16И таа ја задржа облеката негова кај себе, додека си дојде господарот во домот свој.

17А тогаш и нему му ја кажа истата работа, велејќи: „Слугата, Евреинот, што го доведе кај нас, дојде кај мене да ме срамоти.

18Но кога чу дека подигнав глас и извикав, тој ја остави облеката своја кај мене и избега.“

19Кога ги чу господарот негов зборовите на жената своја, која му рече: „Ова ми го направи слугата твој“ — се разгневи многу.

20И го фати господарот Јосиф, па го фрли в затвор, каде што лежеа цар­ски­те затвореници.

21И тој остана таму, во затворот. Но Господ беше со Јосиф и ја излеа милоста Своја над него и направи да му омили на управникот на затворот.

22И началникот на затворот му ги довери на Јосиф сите затвореници во затворот; и над сѐ што таму се рабо­теше, тој беше наредбодавец.

23И старешината на затворот не надгледуваше ништо што беше во Јоси­фовите раце, зашто Господ беше со него; и сѐ што работеше тој, Господ правеше да успева.

>