Создавање 49:1-33 MKDB2006 - Bible AI

1 Потоа Јаков ги повика своите синови и им рече: „Соберете се, за да ви соопштам однапред, што ќе се случи со вас во идните времиња.

2Соберете се и послушајте ме, вие синови на Јаков, послушајте го Израел, таткото ваш:

3Рувиме, сине мој првороден, ти си тврдина моја и почеток на мојата сила; прв по достоинство и прв по моќ.

4Ти бликаш како вода; нема да се издигнеш, зашто се качи на татковото легло, и ја оскверни постелата моја, на која се качи.

5Симеон и Левиј се вистински браќа, оружје на насилство се мечовите нивни.

6Во договарањата нивни да не учествува душата моја, ниту во собирот нивни славата моја; бидејќи тие во гневот свој луѓе убиваа, а за свое задоволство бикови сакатеа.

7Проклет да е гневот нивни, зашто е жесток; и лутината нивна, бидејќи е свирепа; ќе ги разделам по Јакова, и ќе ги растурам низ Израел.

8Јудо! Тебе ќе те слават браќата твои, и рацете секогаш ќе ти бидат врз плеќите на непријателите твои; и тебе ќе ти се поклонуваат синовите на таткото твој.

9Јудо, лавче мое мало! Од грабеж се издигаш, сине мој. Се наведнуваш и легнуваш како лав и лавица. Кој смее да те предизвикува?

10Нема да се одземе жезолот од Јуда, ниту од бедрата негови, сѐ дури не дојде Миротворецот, Кому ќе Му се покоруваат народите.

11Тој го врзува за лоза своето магаре, а младото магаре на неговата магарица за дебела прачка; во вино ја пере облеката своја, а во крв од грозје облеклото свое;

12очите му се потемни од вино, а забите му се побели од млеко.

13Завулон ќе живее покрај море, до морско пристаниште, а границата ќе му биде до Сидон;

14Исахар е како цврсто магаре, легнат меѓу оградите;

15па, откако виде дека починката е добра, земјата пријатна, ги сви рамењата свои под трудот и стана роб на земјата.

16Дан ќе му суди на својот народ, како едно од племињата израелски.

17Дан ќе биде како змија на пат, како усојница на патека, која го каснува коњот за нога, и јавачот негов паѓа назад.

18Од Господ очекувам спасение!

19А Гад, ќе го нападнат разбојници, но тој, одејќи им по трагите, ќе ги совлада.

20Кај Асир ќе има храна во изобилие; тој ќе им дава храна на кнезовите.

21Нефталим е како кошута на слобода, која дава убав подмладок.

22Јосиф е плодна гранка, плодородна гранка покрај извор, чии фиданки по­ми­нуваат над ѕидот.

23И го огорчуваа, и стрелаа по него, и го прогонуваа силните стрелци,

24но лакот негов остана јак, и мускулите на неговите раце останаа цврсти преку рацете на Моќниот (Бог) Јаковов, на пастирот и тврдината Из­раелова.

25Од Бога на таткото твој, Кој ќе ти помага, и од Семоќниот Кој ќе те бла­гослови со благослови одозгора од не­бото, со благослови од бездната подземна, со благослови од градите и од утробите.

26Благословите на таткото твој ги над­минаа благословите на старите пла­нини и убавините на вечните ридови; тие нека се спуштаат и нека бидат над главата Јосифова, и над темето на избраниот меѓу браќата свои.

27Венијамин е граблив волк, наутро ќе јаде лов, а навечер пленот ќе го дели.“

28Тоа се дванаесетте колена израел­ски, и тоа им го изговори таткото нивни ги благослови: секого со посебен бла­гослов ги благослови.

29Потоа им заповеда, велејќи: „Јас се прибирам кај својот род, погребете ме при татковците мои, во пештерата што е во нивата на Хитиецот Ефрон.

30Во пештерата, што е во нивата махпелска, спроти Мамре, во земјата ха­нанска, која ја беше купил Авраам од Хитиецот Ефрон, за да има своја гробница.

31Таму ги погребаа Авраам и жената негова Сара, таму ги погребаа и Исак и Ревека, жената негова, а таму јас ја погребав и Лија;

32оваа нива и пештерата, што е во неа, е купена од синовите Хетеови.“

33И престана Јаков да им говори на синовите свои, ги повлече нозете во постелата, па умре — и се прибра кај предците свои.

>