Создавање 50:1-26 MKDB2006 - Bible AI

1Тогаш Јосиф падна врз лицето на својот татко, заплака над него, и го бакна.

2И им заповеда Јосиф на лекарите, кои беа во негова служба, да го балсамираат таткото негов; и лекарите го балсамираа Израел.

3И изминаа четириесет дена, зашто толку дни се потребни за балсамирање, и го оплакуваа Египќаните седумдесет дена.

4Штом изминаа деновите на жалоста, им рече Јосиф на големците фараонови, велејќи: „Ако сум нашол милост пред вашите очи, зборувајте со фараонот и речете му:

5‚Таткото мој ме заколна, велејќи: — Еве, јас умирам. Во гробот мој, што го ископав во земјата хананска, таму да ме погребеш.‘ — Па сега би сакал да одам и да го погребам таткото мој, а потоа ќе се вратам.“

6А фараонот рече: „Оди и погреби го таткото твој, како што те заколнал.“

7Потоа отиде Јосиф да го погребе таткото свој. А со него појдоа и сите слуги фараонови, старешините на до­мот негов и сите старешини на земјата египетска,

8и целиот дом Јосифов и браќата негови, и целиот дом на таткото негов. Само децата свои и ситниот и крупниот добиток свој ги оставија во земјата Гесем.

9Со него тргнаа, исто така, коли и коњаници, така што погребната поворка беше многу голема.

10А кога дојдоа во Горен Хатад, кој е од онаа страна на Јордан, заплакаа таму многу силно и жално. И Јосиф го оплакуваше својот татко седум дена.

11А луѓето од онаа земја, Хананците, кога слушнаа плачење во Горен Хатад, рекоа: „Голема жалост имаат Егип­ќаните.“ Затоа тоа место го нарекоа „Авел Мицраим“[17], што е отаде Јордан.

12И направија синовите негови онака, како што им беше заповедал;

13го однесоа синовите негови во земјата хананска, и го погребаа во пеште­рата на нивата Махпела, што ја беше купил Авраам од Хитиецот Ефрон, спроти Мамре, за да има гробница.

14А Јосиф се врати во Египет, — тој и браќата негови, и сите, кои беа на по­гребот на неговиот татко.

15Кога видоа браќата Јосифови дека нивниот татко умре, си рекоа еден на друг: „Да не би да си спомне Јосиф за нашата омраза, па да ни се одмазди за сето зло, што му го направивме!“

16Затоа рекоа да му кажат на Јосиф: „Татко ти остави клетва пред да умре и рече —

17‚Вака кажете му на Јосиф: Прости им ги на браќата твои неправдата и гревот нивни, што ти ги направија.‘ И ете, сега прости им го гревот на слугите на татковиот ти Бог.“ А Јосиф заплака, кога му го рекоа тоа.

18Потоа дојдоа пред него и рекоа: „Еве, ние сме слуги твои.“

19Јосиф им рече: „Не плашете се, зар сум јас наместо Бог?

20Вие смисливте зло за мене, но Бог тоа го сврте на добро, за да се изврши она, што денес се случува: да се зачува животот на многу луѓе.“

21И им рече: „Не плашете се, јас ќе ве прехранам вас и вашите деца.“ Така ги утеши, зборувајќи им од срце.

22И продолжи да живее Јосиф во Египет, тој и браќата негови и целиот дом на таткото негов: поживеа Јосиф сто и десет години.

23И ги виде Јосиф синовите Ефре­мови до третото колено; а и синовите на Махир, синот Манасиев, се родија на колената Јосифови.

24Тогаш им рече на браќата свои, велејќи: „Јас ќе умрам; но Бог ќе ве посети и ќе ве изведе од оваа земја во земјата, за која им се заколнал на Авраам, на Исак и на Јаков.“

25Па ги заколна Јосиф синовите на Израел и им рече: „Кога Бог ќе ве посети вас, вие тогаш понесете ги коските мои одовде со вас!“

26Јосиф умре на сто и десет години. Го балсамираа и го положија во ковчег во Египет.

>