Создавање 6:1-22 MKDB2006 - Bible AI

1А кога луѓето почнаа да се множат на земјата, и ќерки им се народија,

2тогаш синовите Божји видоа дека ќерките човечки се убави и ги земаа, кои ги сакаа, за жени.

3И рече Господ: „Духот Мој нема вечно да ги одржува во живот луѓето, зашто тие се плот; деновите нивни нека им бидат сто и дваесет години.“

4А во тоа време имаше џинови на земјата, особено кога синовите Божји почнаа да влегуваат при ќерките човечки и тие почнаа да им раѓаат; тоа се силните луѓе, прочуени од старото време.

5И Господ виде дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време.

6И се покаја Господ што го беше создал човекот на земјата, па се натажи во срцето Свое.

7И рече Господ: „Ќе ги истребам од земјата луѓето што сум ги создал — од човекот до добитокот, малите гадинки и небеските птици — бидејќи се каам што ги создадов.“

8Но Ное најде милост во очите на Господ.

9Еве го животот на Ное: Ное беше човек праведен и непорочен во својот род; Ное живееше според Божјата волја.

10И му се родија на Ное три сина: Сим, Хам и Јафет.

11А земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда.

12И погледна Бог на земјата, и ете — таа беше расипана: бидејќи секое суш­тество беше се отклонило од својот пат на земјата.

13И му рече Бог на Ное: „Крајот на секое суштество дојде пред очите Мои, зашто земјата се исполни со нивните злодела; и, еве, Јас ќе ги истребам од земјата.

14Изгради си за себе ковчег од дрвото гофер[1], и направи прегради во ков­чегот; потоа намачкај го со смола од­нат­ре и однадвор.

15А изгради го вака: должината на ковчегот да биде триста лакти, ширината негова педесет лакти, а во висина да е триесет лакти.

16Направи отвор на ковчегот, и засводи го на еден лакот одозгора; стави му и врата на ковчегот отстрана и нека има три ката во него: долен, среден и горен.

17Јас ќе пуштам потоп, вода, на земјата, за да го истребам под небото секое суштество, во кое има животен дух; сѐ, што е на земјата, ќе изгине.

18Но со тебе Јас ќе направам Свој завет, а во ковчегот ќе влезеш ти, и со тебе и синовите твои, и жената твоја, и жените на синовите твои.

19И внеси во него исто така од сите животни, од секое суштество да има по две, за да останат со тебе во живот; од машки и од женски пол да бидат.

20Од птиците според родот нивни, и од добитокот според родот негов, и од сите влекачи според нивниот род — од сите по две ќе влезат при тебе, за да останат живи.

21И земи со себе секаква храна, со каква што се хранат, и чувај ја кај себе; тоа ќе биде храната за тебе и за нив!“

22И направи Ное сѐ како што му заповеда Бог; така направи.