Софонија 1:1-18 MKDB2006 - Bible AI

1Словото Господово упатено до Софонија, синот на Кушиј, син Гедалиев, син Амариев, син Езекиин, во деновите на Јошија, син Амонов, цар јудејски.

2Сѐ ќе истребам од земјата, вели Господ;

3ќе ги збришам луѓето и животните, ќе ги истребам птиците небески и ри­бите морски и ќе направам да паднат безбожниците; ќе ги истребам луѓето од лицето на земјата, вели Господ.

4И ќе ја протегнам раката Своја врз Јудеја и врз сите жители на Ерусалим; ќе ги истребам од тоа место остатоците на Ваал, името на служителите негови со свештениците негови,

5и оние, кои на покривите се поклонуваат на небесната војска, и од поклониците оние што се колнат во Гос­под, но се колнат и во својот цар,

6како и оние, што отстапија од Гос­под, не Го бараат Господа ниту прашу­ваат за Него.

7Замолкни пред лицето на Господ Бог, зашто близу е денот Господов. Ве­ќе го приготви Господ жртвеното кла­ње, ги определи и гостите свои.

8Во денот на жртвата Господова, Јас ќе ги казнам кнезовите, синовите на царот и сите, што се облекуваат во об­леки на туѓинци;

9ќе ги казнам во оној ден сите, кои го прескокнуваат прагот, што го исполнуваат домот на својот Господ со насил­ство и измама.

10И во тој ден, вели Господ, ќе има вик кај Рибните Порти и ридање во новиот дел на градот, а и големо уривање на ридови.

11Плачете жители на Махтеш, зашто загинаа сите трговци; истребени се сите што мерат сребро.

12А во тоа време Јас ќе го прегледам Ерусалим со светило и ќе ги казнам оние, кои седат на своите остатоци и велат во срцето свое: „Господ не прави ни добро ни лошо“;

13пак ќе станат богатствата нивни пљачка и куќите нивни ќе се запустат; иако градеа куќи, тие нема да живеат во нив; садеа лоза, но вино нема да пијат од неа.

14Близу е денот велик на Господ, бли­зу е — и брзо доаѓа. Горчлив е гласот на денот Господов, ќе завика тогаш дури и најхрабриот.

15Тој ден е ден на гнев, ден на жалост и на мачнотија, ден за запустување и уривање, ден на темнина и на мрак, ден облачен и маглив,

16ден на труба и на боен повик против утврдените градови и високите кули.

17И Јас ќе ги притеснам луѓето, и тие ќе се тетерават како слепи, зашто згрешија против Господ, и растурена ќе биде крвта нивна како прав, и телата нивни како смет.

18Ни среброто нивно, ниту златото нивно не ќе може да ги спаси во денот на гневот Господов, а од огнот на рев­носта Негова ќе биде уништена целата земја, и тоа ќе биде ненадеен крај на сите жители нејзини.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>