Софонија 3:1-20 MKDB2006 - Bible AI

1Тешко на непокорен, осквернет и насилнички град!

2Не слуша повик, не прифаќа поука, не се надева на Господ, не се приближу­ва до својот Бог.

3Кнезовите негови се како лавови што рикаат, судиите негови — вечерни волци, кои до утрината не оставаат ниту една коска.

4Пророците негови се луѓе лесномислени, неверни; свештениците негови ја осквернуваат светињата, ги кршат законите.

5Господ е праведен среде него, не врши неправда, секое утро го произнесува Својот суд на видело, но беззаконикот не знае за срам.

6Јас ги истребив народите — разруше­ни им се тврдините; ги опустив улиците нивни, така што никој не оди по нив; разорени се градовите нивни: нема ниту еден човек, нема жител.

7Јас реков: „Можеби ќе се исплаши од Мене, ќе прими поука; не е можно да ги заборавиле бројните Мои походи.“ Но, не! Тие грижливо се трудеа да ги расипат сите свои дела.

8И така, чекајте Ме, вели Господ, до оној ден, кога ќе се кренам како судија; што Јас одлучив да ги соберам народите, да ги свикам царствата, за да го излијам врз нив Мојот гнев, сета јарост на Мојот гнев; зашто од огнот на јароста Моја ќе биде уништена целата земја.

9Тогаш Јас пак ќе им дадам на чистите народи уста да го призовуваат името на Господ и да Му служат еднодушно.

10Од краиштата отаде реките на Етиопија поклониците Мои — Моите растурени деца — ќе Ми принесат да­рови.

11Во тој ден ти нема да се срамуваш за твоите бунтовни постапки, со кои грешеше против Мене, зашто тогаш Јас ќе ги отстранам од твојата средина горделивите фалбаџии и нема повеќе да се гордеат на Мојата света гора.

12Но ќе оставам среде тебе народ скромен и понизен, и тие ќе бараат за­крила во името Господово.

13Остатоците од Израел нема да вр­шат неправда, нема да зборуваат лага, и во устата нивна нема да се најде јазик сплеткарски. Тогаш ќе пасат и ќе лежат, и никој нема да ги вознемирува.

14Радувај се, ќерко Сионова, ликувај, Израеле, весели се и радувај се од сѐ срце, ќерко ерусалимска:

15Господ ја одмени пресудата над тебе, го изгони непријателот твој. Гос­под, Царот Израелов, е среде тебе: нема повеќе да се плашиш од зло.

16Во оној ден ќе му речат на Еруса­лим: „Не бој се“ и на Сион: „Да не за­слабнат рацете твои.“

17Господ, твојот Бог, е среде тебе. Тој е силен да те спаси; ќе се развесели за тебе со радост, ќе те обнови според љубовта Своја, ќе се гордее за тебе со песни,

18како на празничен ден. Ќе ја от­странам неволјата од тебе, за да не го носиш повеќе срамот.

19Ете, Јас ќе ги притеснам сите твои мачители во она време, ќе го спасам она што е куцо, ќе ги соберам расеаните и ќе им дадам чест и слава по целата зем­ја, каде што беа под срам.

20Во она време ќе ве доведам, во она време ќе ве соберам вас, зашто ќе ве направам прочуени и почитувани меѓу сите народи на земјата, кога ќе ја изменам вашата судбина пред очите ваши, вели Господ.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>