1ⓐПо смртта на Исус, синовите на Израел Го прашаа Господа, велејќи: „Кој од нас прв ќе тргне против Хананците — да војува против нив?“
2Господ одговори: „Јуда ќе тргне; ете, Јас ја предавам земјата во негови раце.“
3Јуда, пак, му кажа на братот свој Симеон: „Дојди со мене во мојот дел за да војуваме против Хананците; а потоа јас ќе влезам со тебе во твојот дел.“ И Симеон отиде со него.
4Тогаш Јуда тргна, и ги предаде Господ Хананците и Перизијците во рацете нивни, и тие убија од нив во Безек десет илјади души.
5ⓑВо Безек наидоа на Адони-Везек, започнаа битка со него и ги разбија Хананците и Перизијците.
6Адони-Везек избега, но тие се спуштија, тргнаа по него, го фатија и му ги исекоа палците на рацете негови и на нозете негови.
7ⓒТогаш Адони-Везек рече: „Седумдесет цареви со пресечени палци на рацете и нозете собираа трошки под трпезата моја; како што правев јас, така ми воздаде Бог.“ И го доведоа во Ерусалим, каде што и умре.
8ⓓИ војуваа Јудините синови против Ерусалим, го презедоа и го поразија со меч и градот го изгореа со оган.
9ⓔПотоа Јудините синови тргнаа да војуваат против Хананците, кои живееја во планинската земја, во јужната област и во рамнината.
10ⓕИ тргна Јуда против Хананците, кои живееја во Хеврон, (порано Хеврон се нарекуваше Кирјат-Арба), и ги разбија Шешај, Ахиман и Талмај.
11Оттука тргнаа против жителите на Давир; порано Давир се викаше Кирјат-Сефер.
12Тогаш Халев рече: „Кој ќе го нападне Кирјат-Сефер и ќе го преземе, ќе му ја дадам ќерката своја Ахса за жена.“
13ⓖГо презеде Готониил, синот на Кеназ, помладиот брат на Халев; и тој му ја даде ќерката своја Ахса за жена.
14Пред да замине таа, Готониил ја подучи да бара од татко си земја, и таа слезе од магарето. Халев ја праша: „Што бараш?“
15А таа му рече: „Дај ми благослов; ти ми даде сува земја, дај ми и водни извори.“ И ѝ ги даде Халев горните извори и долните извори.
16ⓗКенијците, пак, кои водат потекло од Мојсеевиот тест, појдоа од градот на палмите [1] со Јудините синови во Јудината пустина, која е на југ од Арад. И дојдоа и се населија меѓу народот.
17Потоа тргна Јуда со својот брат Симеон и ги совладаа Хананците, кои живееја во Цефат, го проколнаа градот со проклетство и го нарекоа тој град Хорма.
18Јуда исто така ги презеде Газа со нејзината околина, Ашкелон и неговата околина, и Екрон и неговата околина,
19ⓘГоспод беше со Јуда, и тој ја доби во наследство планината; но не можеше да ги истера жителите на долината, бидејќи тие имаа железни двоколки.
20ⓙА на Халев му го предадоа Хеврон, како што беше рекол Мојсеј, и ги истера оттаму трите сина на Анак.
21Но Венијаминовите синови не ги истераа Јевусијците, кои живееја во Ерусалим; Јевусијците живеат со потомците на Венијамин во Ерусалим и до ден-денес.
22ⓚИ синовите Јосифови исто така тргнаа против Ветил, и Господ беше со нив.
23Јосифовите синови го разгледаа Ветил, а порано градот се нарекуваше Луз.
24И стражарите видоа еден човек, кој доаѓаше од градот и му рекоа: „Покажи ни го влезот во градот, и ќе покажеме милост кон тебе.“
25ⓛТој им го покажа влезот во градот, и тие го совладаа градот со сечилото на мечот, а тој човек и сите негови роднини ги пуштија.
26Тој човек отиде во земјата на Хитијците и изгради град и го нарече со името Луз. Тоа му е името и до ден-денес.
27ⓜИ Манасија не ги избрка жителите на Бет-Шан и неговите села, ниту жителите на Таанах и неговите села, ниту жителите на Дор и неговите села, ниту жителите на Јивлеам и неговите села, ниту пак на Мегидо и неговите села. Но, Хананците и понатаму останаа да живеат во оваа земја.
28ⓝКога Израел стана силен, им наметна данок на Хананците, но не ги избрка.
29ⓞИ Ефрем не ги истера Хананците кои живееја во Гезер; и Хананците живееја меѓу нив во Гезер.
30ⓟИ Завулон не ги избрка жителите на Китрон, ниту жителите на Нахалол, и Хананците живееја меѓу нив и им плаќаа данок.
31ⓠИ Асир не ги избрка жителите на Ако, и ни жителите на Сидон и Ахлав, ни од Ахзив, Хелба, Афик ниту, пак, од Рехов.
32Се насели Асир меѓу Хананците, жителите на таа земја, бидејќи не можеше да ги избрка.
33ⓡИ Нефталим не ги избрка жителите на Ветсамис како ни жителите на Бет-Анат и живееше меѓу Хананците, жителите на таа земја; а жителите на Ветсамис и на Бет-Анат беа негови поданици.
34ⓢАморејците ги потиснаа синовите Данови во горите, бидејќи не им даваа да слезат во долината.
35И Аморејците останаа да живеат во Хар-Херес, во Ајалон и Шаалевим; но раката на Јосифовиот дом ги присили и тие им станаа поданици.
36Пределите на Аморејците се протегаа од угорнината Акравим, од Карпата сѐ угоре.