Судии 19:1-30 MKDB2006 - Bible AI

1Во она време, кога Израел немаше цар, имаше еден левит, кој како придојден живееше во Ефре­мовата Планина. Тој си зеде наложница од Витлеем Јудејски.

2Но наложницата негова се скара со него и си отиде во домот на татко ѝ, во Витлеем Јудејски, и остана таму четири месеци.

3Мажот ѝ тргна да оди кај неа за да ја замоли и да ја врати назад. Со него беше слугата негов и две магариња. Таа го воведе во татковиот дом.

4Тестот негов, таткото на таа млада жена, откако го виде, го пресретна радосно и го задржа. И тој престојуваше кај него три дни: јадеа, пиеја и ноќеваа таму.

5На четвртиот ден станаа рано, стана и тој за да си оди. И таткото на младата жена му рече на зетот свој: „Пот­крепи го срцето свое со залак леб, и потоа ќе тргнете.“

6Тие останаа, и двајцата заедно јадеа и пиеја. И таткото на таа млада жена му рече на тој човек: „Остани уште една ноќ, и развесели се!“

7Човекот беше станал за да си оди, но тестот го наговори и тој пак ноќеваше таму.

8На петтиот ден изутрината тој стана за да си оди. А таткото на младата жена рече: „Поткрепи си го срцето свое, и почекајте, додека да измине денот.“ И јадеа двајцата.

9И стана човекот да си оди, со на­ложницата негова и неговиот слуга. И тестот негов, таткото на младата жена, му рече: „Еве, почна да се стемнува, ноќевајте, ве молам, денот е на свр­шу­вање, ноќевај тука, развесели се; утре рано ќе тргнете на пат, и ќе си одиш во домот свој!“

10Но мажот не се согласи да ноќева, стана и тргна; и наближи до Јевус, кој е сега Ерусалим, со двете натоварени магариња и наложницата со него.

11Кога беа близу до Јевус, денот веќе беше изминал. И слугата му рече на господарот свој: „Да навратиме во овој јевусиски град и да ноќеваме во него.“

12Господарот му одговори: „Не, нема да одиме во град на туѓинци, кои не се од синовите Израелови, а ќе појдеме во Гива.“

13И му рече на слугата свој: „Оди да стигнеме до едно од местата на Гива и ќе ноќеваме во Гива или во Рама.“

14Па тргнаа, и одеа, а сонцето зајде близу до Гива Венијаминова.

15И тие навратија таму, за да одат да ноќеваат во Гива. Откако влезе, тој седна на градскиот плоштад, но никој не ги покани во домот свој да ноќеваат.

16И ете, еден старец се враќаше вечерта од полска работа; тој беше ро­дум од Ефремовата Планина и живее­ше како придојден во Гива. Жителите, пак, од тоа место беа Венијаминови синови.

17Кога ги крена очите, тој виде на градскиот плоштад патник. И старецот запраша: „Каде одиш и од каде доа­ѓаш?“

18Тој му одговори: „Од Витлеем Ју­дејски одиме во Ефремовата Планина, од каде што сум јас; отидов во Витлеем Јудејски, а сега одам кон домот свој; и никој не ме поканува во својот дом;

19си имаме и слама и храна за своите магариња; исто така има и леб и вино за мене и за мојата жена и за овој човек, кој ме придружува мене, твојот слуга; од ништо немаме потреба.“

20Старецот му рече: „Биди спокоен; каква потреба и да имаш, јас ќе се погрижам, само на улица не ноќевај.“

21И го одведе во домот свој и им даде храна на магарињата негови, а самите тие си ги измија нозете, јадеа и пиеја.

22Додека се веселеа, ете, градските жители, развратници, ја опколија ку­ќата, зачукаа на вратата и му говореа на старецот, стопанот на куќата: „Изведи го човекот, кој влезе во куќата твоја за да имаме однос со него.“

23Стопанот на куќата излезе пред нив и им рече: „Не, браќа мои, не правете зло, кога тој човек влегол во куќата моја, не правете го тоа безумие;

24еве, јас имам ќерка девица, а тој има наложница, ќе ги изведам, осра­мете ги и правете со нив, сѐ што ви е мило; а со тој човек не правете го тоа безумие.“

25Но тие не сакаа да го слушаат. Тогаш мажот ја зеде својата наложница и ја изведе кај нив на улица. Тие ја познаа и ја злоставуваа цела ноќ до утрината. И ја пуштија во зората.

26И во зората дојде жената, падна пред куќната врата на човекот, кај кого беше господарот нејзин, и лежеше до осамнување.

27Господарот нејзин стана утрината, ја отвори куќната врата и излезе за да тргне на пат; и ете, наложницата негова лежи пред куќната врата, со рацете на прагот.

28Тој ѝ рече: „Стани, ќе одиме!“ Но одговор немаше. Тој ја стави на магарето, стана и замина за местото свое.

29Кога дојде во домот свој, зеде нож, ја фати својата наложница, ја пресече по деловите на телото нејзино на два­наесет делови и ги испрати по сите краеви на Израел.

30И им рече на луѓето што ги ис­прати: „Така зборувајте по сиот Из­раел: Дали се случило или сте виделе вакво нешто досега од денот кога Израеловите синови излегоа од египетската земја? Затоа размислете за тоа, посоветувајте се и кажете!“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>