Судии 3:1-31 MKDB2006 - Bible AI

1А ова се народите, кои Господ ги остави за да ги искушува со нив синовите на Израел, сите оние кои не знаеја за сите битки ханански.

2Само за да знаат и да се научат на војување подоцнежните поколенија на Израел, кои порано не знаеја за војна:

3пет филистејски војводства, сите Хананци, Сидонци и Евејци, кои живееја на планината Ливан од планината Ваал-Ермон до Емат.

4Тие беа оставени за да биде преку нив искушуван Израел, и да се дознае, дали се покоруваат на заповедите Господови, кои Тој ги беше заповедал на нивните предци преку Мојсеј.

5И живееја Израеловите синови меѓу Хананците, Хитијците, Аморејците, Пе­ри­зијците, Евејците и Јевусијците,

6и ги земаа ќерките нивни за жени, и им ги даваа ќерките свои на синовите нивни, и им служеа на нивните богови.

7Синовите Израелови извршија зло пред очите на Господ, и Го заборавија својот Господ Бог, и им служеа на Вааловци и на Ашери[2].

8Тогаш Господ се разгневи силно против Израел, и ги предаде во рацете на Кушан-Ришатаим, царот на Горни Арам, и синовите Израелови му робуваа на Кушан-Ришатаим осум години.

9Потоа синовите Израелови повикаа кон Господ, и Тој подигна за синовите Израелови спасител — Кеназовиот син Готониил, помалиот брат на Халев.

10Врз него беше Духот Господов, и тој беше судија на Израел. Тој објави војна против Кушан-Ришатаим, и Гос­под го предаде во рацете негови арамеј­скиот цар Кушан-Ришатаим и раката негова се зацврсти над Кушан-Ри­ша­таим.

11И земјата беше спокојна четириесет години, Потоа умре Готониил, синот на Кеназ.

12Синовите Израелови почнаа пак да прават зло пред Господ, и Господ му даде сила на моавскиот цар Еглон против Израел, поради тоа што тие правеа зло пред Господ.

13Тој ги собра кај себе синовите Амонови и Амаликови, па тргна и го собори Израел, и го завладеа градот на палмите[3].

14И синовите Израелови му робуваа на моавскиот цар Еглон осумнаесет го­дини.

15Тогаш синовите Израелови пак по­викаа кон Господ, и Господ им го избра за спасител Аод, синот на Гера, од Венијаминовото племе, кој беше левак. И синовите Израелови испратија по него дарови до моавскиот цар Еглон.

16Аод си направи меч со две сечила, долг еден лакот, и го препаша под облеката своја на десното бедро,

17и однесе дарови на моавскиот цар Еглон, а Еглон беше многу дебел човек.

18Кога Аод ги принесе сите дарови и ги испрати луѓето што ги донесоа даровите,

19сам се врати откај идолите што се во Гилгал, и рече: „Царе, имам тајна порака за тебе.“ Тој рече: „Потивко!“ И излегоа сите што стоеја покрај него.

20Аод влезе кај него: тој седеше сам во летната горна соба. Тогаш Аод рече: „Имам Божја порака за тебе.“ Еглон стана од престолот.

21Тогаш Аод ја подаде својата лева рака, и го зеде мечот од десното бедро и го заби во неговиот стомак,

22така што сечилото влезе заедно со дршката, а салото го покри сечилото; бидејќи Аод не можеше да го извади мечот, од неговиот мев излегуваше нечистотија.

23Аод потоа излезе од собата, ја затвори вратата и ја заклучи.

24Откако излезе, слугите на Еглон дојдоа и видоа: ете, вратата на собата е заклучена, и си рекоа: сигурно тој е отиден по потреба до летната соба.

25Чекаа доста долго, но откако видоа дека никој не ја отвора вратата од собата, зедоа клуч и отклучија, а таму нив­ниот господар лежи на земјата мртов.

26Додека се чудеа, Аод избега, мина покрај идолите и се засолни во Сеира.

27А штом пристигна Аод затруби со труба во Ефремовата Планина, и слегоа со него синовите Израелови од гората, и тој тргна пред нив.

28И им рече: „Одете по мене, зашто Господ ги предаде непријателите ваши, Моавците, во ваши раце.“ И тргнаа по него, ги презедоа моавските премини на Јордан, и не пуштија никој да премине.

29Тогаш убија околу десет илјади Моавци, сѐ здрави и силни, и никој не избега.

30Така се смирија во оној ден Моав­ците пред Израел, и земјата беше спо­којна осумдесет години.

31По него дојде Самегар, син Анатов, кој уби шестотини Филистејци со волов­ски остен; и тој исто така го избави Из­раел.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>