Судии 4:1-24 MKDB2006 - Bible AI

1Кога умре Аод, Израеловите синови пак почнаа да прават зло пред Господ.

2И Господ ги предаде во рацете на хананскиот цар Јавин, кој царуваше во Асор, и на неговиот војсководач Сисе­ра, кој живееше во Харошет-Гојим.

3И повикаа Израеловите синови кон Господ; зашто Јавин имаше деветстотини железни коли и ги потискаше Израеловите синови дваесет години.

4Во тоа време судија во Израел беше пророчицата Девора, жената на Лапи­дот;

5таа обично седеше под Деворината палма, меѓу Рама и Ветил, во Ефремо­вата Планина и одеа кај неа Израело­вите синови за судење.

6Девора испрати да го повикаат Варак, синот на Авиноам од Кедес Нефталимов, и му рече: „Зар не заповеда Господ, Бог Израелов: — оди, собери народ на гората Тавор и земи со себе десет илјади мажи од Нефталимовите синови и од Завулоновите синови;

7Јас, пак, ќе го доведам кај тебе, кај потокот Кишон, Јавиновиот војсководач Сисера, и колите негови и многуилјадната војска негова, и ќе ти ги пре­дадам во твои раце.“

8Варак ѝ одговори: „Ако дојдеш со мене, ќе одам; ако не дојдеш со мене, нема да одам.“

9Таа рече: „Добро, ќе дојдам со тебе; само нема да биде славата твоја по па­тот, по кој ќе одиш; зашто во женска рака ќе го предаде Господ Сисера.“ И Девора стана и тргна со Варак за Кедес.

10А Варак ги повика потомците на Завулон и потомците на Нефталим во Кедес, и по него тргнаа десет илјади души, и Девора појде со него.

11Тогаш Кениецот Хевер се оддели од Кенијците, односно потомците на Ховав, шурата на Мојсеј, и го постави шаторот свој кај дабот, близу до Кедес.

12И му јавија на Сисера дека Ави­ноамовиот син Варак излегол на гората Тавор.

13Сисера ги собра сите коли, деветстотини железни коли, и сиот народ што беше со него, и од Харошет-Гојим замина кај потокот Кишон.

14И Девора му рече на Варак: „Стани, бидејќи денес е денот, во кој Господ ќе го предаде Сисера во рацете твои; Сам Господ ќе тргне пред Тебе.“ И Варак слезе од гората Тавор, и по него — десет илјади мажи.

15Тогаш Господ го доведе во забуна Сисера и сите негови коли и целиот народ негов пред Вараковиот меч, и Сисера слезе од колата и избега пеш.

16Варак тргна да ги гони неговите коли и народот до Харошет-Гојим и целата војска на Сисера падна од остар меч, та не остана ниеден.

17А Сисера побегна пеш до шаторот на Јаел, жената на Кениецот Хевер, зашто меѓу хацорскиот цар Јавин и домот на Кениецот Хевер имаше мир.

18Тогаш излезе Јаел и му рече на Сисера: „Влези господаре мој, влези кај мене, не плаши се!“ Тој влезе кај неа во шаторот, и таа го покри со наметката.

19Сисера ѝ рече: „Дај ми малку вода да пијам, жеден сум.“ Таа одврза мев со млеко, му даде да пие и пак го покри.

20Сисера повторно ѝ рече: „Стој пред влезот на шаторот и ако некој дојде и те праша: ‚има ли некој тука?‘ а ти одго­вори — ‚нема‘.“

21Јаел, Хеверовата жена, зеде еден колец од шаторот, зеде и чекан во раката своја, и отиде тивко кај него, та му го заби колецот во слепоочниците негови, така што тој допре до земјата; а тој уморен спиеше, — и умре.

22И ете, Варак, трчаше по Сисера. Јаел го пречека и му рече: „Влези, јас ќе ти го покажам човекот што го ба­раш.“ Тој влезе кај неа, и ете, Сисера лежи мртов, со колецот во слепо­очниците негови.

23Така го покори Бог во тој ден хананскиот цар Јавин пред синовите Израелови.

24Раката на синовите Израелови се засилуваше сѐ повеќе и повеќе над хананскиот цар Јавин, додека тие најпосле не го уништија.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>