Судии 6:1-40 MKDB2006 - Bible AI

1А синовите Израелови сторија зло пред Господ, и Господ ги предаде во раката на Мидјаните за седум години.

2Раката на Мидјаните надвладеа над Израел, и Израеловите синови поради Мидјаните си правеа прибежишта во пештери и тврдини по горите.

3И кога ќе посееше нешто Израел, ќе дојдеше Мидјанец или Амаликиец или жител од исток, ќе нападнеше на него;

4и стоеше кај нив во шаторите, и ги уништуваше земните плодови дури до Газа, и не му оставаше за исхрана на Израел ни овца, ни вол, ни магаре.

5Зашто тие доаѓаа со добитокот свој и со шаторите свои, доаѓаа во големо множество — како скакулци; тие и камилите нивни број немаа, и одеа по земјата на Израел за да ја опусто­шу­ваат.

6Многу осиромаши тогаш Израел од Мидјаните, и повикаа синовите Израе­ло­ви кон Господ.

7А кога синовите Израелови повикаа кон Господ против Мидјаните,

8Господ испрати пророк кај Израе­ловите синови и Тој им рече: „Вака вели Господ, Бог Израелов — Јас ве изведов од Египет, ве изведов од домот на ропството;

9ве избавив од раката на Египќаните и од раката на сите ваши угнетувачи; ги истерав од пред вас, и ви ја дадов земјата нивна,

10и ви реков: Јас сум Господ, Бог ваш; не ги почитувајте боговите на Амореј­ците, во чија земја живеете.“

11Тогаш дојде ангелот Господов и седна во Офра под дабот, кој му при­паѓаше на Јоас од родот на Авиезер; а синот негов Гедеон чукаше жито на гумното, за да го сокрие од Мидјаните.

12И му се јави ангелот Господов и му рече: „Со тебе е Господ, мажу силен!“

13Гедеон му одговори: „Господаре мој, ако е Господ со нас, зошто нѐ снајде сета оваа мака? И каде се сите Негови чудеса, за кои ни раскажуваа нашите татковци, велејќи: ‚Господ нѐ изведе од Египет?‘ Сега Господ нѐ остави и нѐ предаде во рацете на Мид­јаните.“

14Тогаш Господ го погледна и рече: „Оди со таа своја сила и спаси го Из­раел од раката на Мидјаните. Јас те испраќам.“

15Гедеон Му одговори: „Господи, ка­ко ќе го спасам Израел: ете, и племето ми е најбедно во коленото Манасиево и јас сум најмал во домот на мојот тат­ко?“

16Господ му рече: „Јас ќе бидам со тебе, и ти ќе ги поразиш Мидјаните како еден човек.“

17Гедеон Му рече: „Ако сум се здобил со милост пред Тебе, дај ми доказ дека Ти говориш со мене.

18Не оди си оттука, додека не дојдам кај Тебе, да ти донесам дар свој и да Ти го предадам.“ Тој рече: „Јас ќе останам, додека се вратиш.“

19Гедеон отиде и приготви козле и лебови пресни од една ефа брашно; ме­сото го стави во кошница, чорбата ја налеа во грне, ги донесе кај Него под дабот и Му ги принесе.

20И ангелот Божји му рече: „Земи го месото и погачата, и стави ги на оној камен, а чорбата истури ја.“ Тој така и направи.

21Ангелот Господов го протегна крајот на жезолот што беше во раката негова, и го допре месото и лебовите; и вивна оган од каменот и изгореа месото и лебовите. А ангелот Господов се со­кри од очите негови.

22И виде Гедеон дека тоа беше ангел Господов и рече Гедеон: „Помогни, Гос­поди Боже, зашто видов лице на ангел Господов.“

23Господ му рече: „Мир на тебе, не плаши се, нема да умреш!“

24И Гедеон Му изгради таму жрт­ве­ник на Господ и го нарече: Јахве Ша­лом[4]. Тој стои и до денес во Офра која им припаѓа на Авиезерците.

25Во таа ноќ Господ му рече: „Земи го бикот од стадото на татко ти и вториот бик, седумгодишниот и разруши го жртвеникот на Ваал што е кај татко ти, и исечи ги дрвата што се кај него,

26и изгради Му како што треба жрт­веник на твојот Господ Бог, на врвот од карпата, па земи го вториот бик и принеси го како жртва сепаленица врз дрвата што ќе ги исечеш.“

27Гедеон зеде десет слуги свои и направи како што му рече Господ; но бидејќи се плашеше од домашните на својот татко и од градските жители, наместо дење, го направи тоа ноќе.

28Кога утредента градските жители станаа, ете, жртвеникот на Ваал беше разрушен, столбот до него исечен и вториот јунец принесен како жртва врз новоизградениот жртвеник.

29И си говореа еден на друг: „Кој го направи тоа?“ Бараа, распрашуваа и рекоа: „Јоасовиот син Гедеон го на­пра­ви тоа.“

30И градските жители му рекоа на Јоас: „Изведи го синот свој; тој треба да умре, зашто го разруши Вааловиот жртвеник и го исече светиот столб што беше до него.“

31Јоас им кажа на сите што дојдоа кај него: „Вие ли ќе се застапувате за Ваал, вие ли ќе го заштитувате? Кој ќе се застапи за него, ќе биде предаден на смрт уште ова утро; ако е тој бог, сам нека се одмазди на тој што му го срушил жртвеникот негов.“

32Затоа од тој ден Гедеон почнаа да го викаат Јероваал, бидејќи било ре­чено: сам нека се одмазди Ваал на него, поради тоа што му го срушил жрт­ве­никот негов.

33И сите Мидјани и Амаликијци и жителите од исток се собраа заедно, ја преминаа реката и се сместија во долината Јизреел.

34И Духот Господов го поткрепи Ге­деон; тој затруби со труба, и племето на Авиезер се собра да оди по него.

35И испрати гласници низ целото племе Манасиево, и тоа се одзва да оди по него; тој исто така испрати гласници до Асир, Завулон и Нефталим, и тие дојдоа таму да се сретнат.

36А Гедеон Му рече на Бога: „Ако го спасиш Израел преку мојата рака, како што говореше Ти,

37тогаш еве, ќе положам овде на гумното едно руно — ако има роса само на руното, а по целата земја биде суво, ќе знам дека Ти преку мојата рака ќе го спасиш Израел, како што ми рече.“

38Така и стана: утредента, откако ста­­на рано, фати да го цеди руното и исцеди роса од руното цела чаша вода.

39И Гедеон Му рече на Бога: „Не ми се гневи, ако пак кажам и ако само уште еднаш се обидам со руното — нека биде суво само на руното, а по целата земја да има роса.“

40Така и направи Бог во таа ноќ: само на руното беше суво, а по целата земја имаше роса.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>