Филипјаните 1:1-30 MKDB2006 - Bible AI

1Павле и Тимотеј, слуги на Исус Христос, до сите светии во Христос Исус, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите:

2благодат и мир вам од Бог, Отецот наш и од Господ Исус Христос!

3Му благодарам на мојот Бог секогаш, кога си спомнувам за вас,

4 — во секоја моја молитва се молам со радост за сите вас —

5заради вашето учество во Еванге­ли­ето од првиот ден, па сѐ досега,

6уверен во тоа дека Оној, Кој го за­почна во вас доброто дело, ќе го доврши сѐ до Денот на Исус Христос.

7И право е да го мислам тоа за сите вас, зашто секогаш ве носам во срце — и кога сум во окови, и кога го бранам и утврдувам Евангелието, бидејќи сите вие сте мои соучесници во благодатта.

8Бог ми е сведок колку многу копне­ам по сите вас со милосрдноста на Исус Христос.

9И се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува преку познанието и разбирањето на сѐ,

10за да можете да го распознавате најдоброто, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христос,

11полни со плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бога.

12Сакам, браќа, да знаете дека тие ра­боти, што ми се случија, придонесоа за поголем успех на Евангелието,

13така што во целата преторија и ме­ѓу сите други стана познато дека сум во окови за Христос;

14и дека повеќето од браќата во Гос­под, поттикнати од моите окови, се ос­мелија, без страв да го проповедаат сло­вото Божјо.

15Некои, навистина, од завист и жел­би за кавга, а други од добра волја Го проповедаа Христос:

16едни Го проповедаат Христос од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието.

17А другите имаат желба да се препираат неискрено, мислејќи дека ја на­го­лемуваат тежината на моите окови.

18Другите, пак, проповедаат од љу­бов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието.

19Зашто знам дека тоа ќе ми послужи за спасение со вашата молитва и преку дејството на Духот на Исус Христос,

20како што очекувам со нетрпение и се надевам дека во ништо нема да се по­срамам, но со сета моја храброст, како секогаш, така и сега, ќе се возвеличи Христос во моето тело — било со живот, било со смрт.

21За мене, „да се живее“ значи Хрис­тос, а „да се умре“ — придобивка.

22Ако, пак, живеењето мое во тело ми придонесува плод на делото, тогаш што да одберам не знам.

23Измачуван сум и од едното, и од другото: сакам да заминам и да бидам со Христос, бидејќи тоа е многу по­доб­ро;

24но да останам во телото е попотребно за вас.

25Уверен во тоа, знам дека ќе оста­нам и ќе пребивам со сите вас за ваш напредок и радост на верата,

26та пофалбата ваша во Христос Исус да се умножува преку мене, кога повторно ќе дојдам кај вас.

27Живејте само достојно за Хрис­то­во­то Евангелие, та, ако дојдам и ве видам, или пак во отсуство слушнам за вас де­ка стоите во еден дух, борејќи се едно­душно за верата на Евангелието,

28и во ништо не се плашите од противниците; тоа е знак за нивната погибел, а за вашето спасение, и тоа е од Бо­га.

29Зашто вам ви се даде дар поради Христос не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него,

30борејќи се со истата борба, каква што видовте во мене и сега слушате за мене.

e>