Филипјаните 3:1-21 MKDB2006 - Bible AI

1Но, браќа мои, радувајте се во Господ! Зашто мене не ми е здодевно да ви пишувам исти нешта, а за вас тоа значи безбедност.

2Чувајте се од кучињата, чувајте се од лошите работници, чувајте се од лажно обрезување,

3зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се гордееме со Христос Исус, и не се надеваме на телото,

4иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли дека мо­же да се надева на телото, тогаш уште повеќе можам да се надевам јас,

5кој сум обрезан во осмиот ден, од родот Израелов, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по законот фарисеј,

6по ревност — гонител на Божјата Црква, според правдата на Законот — беспрекорен.

7Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христос го сметав за загуба.

8Затоа, сметам дека и сѐ друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да Го придобијам Хрис­тос,

9и да се најдам во Него, не со својата праведност стекната од Законот, туку со придобивката преку верата во Хрис­тос, односно со праведноста од Бога преку верата;

10за да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата,

11та некако да го достигнам воскресението на мртвите.

12Велам така не затоа што веќе дос­тигнав, или дека веќе постигнав со­вр­шен­ство, туку се стремам да го достигнам она со кое Христос ме достигна мене.

13Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене,

14трчам кон целта — кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос.

15Ние, кои сме, пак, совршени, мислиме така; ако, пак нешто инаку мислите, Бог и тоа ќе ви го открие.

16Но, само да го држиме она до кое достигнавме, да бидеме едномислени и по истото правило да продолжиме.

17Следете го мојот пример, браќа, и гледајте ги оние што живеат според образецот што го имате во вас.

18Зашто мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи говорам, постапуваат како непријатели на крстот Христов;

19нивниот крај е погибел, нивниот бог — стомакот, а славата — во нивниот срам; тие мислат за земните работи.

20А нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спа­сителот, нашиот Господ Исус Христос.

21Тој ќе го преобрази нашето по­ни­зе­но тело да стане подобно на Неговото славно тело, со силата преку која Тој може да потчинува под Себе сѐ.

e>