1 Јован 4:1-21 MKDB2006 - Bible AI

1Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот.

2По ова распознавајте Го Божјиот Дух[1]: секој дух што признава дека Исус Христос дошол во тело, од Бога е.

3А секој дух, што не признава дека во тело дошол Исус Христос, не е од Бога; тоа е духот на Антихристот, за кого сте слушале дека доаѓа, па и сега е веќе во светот.

4Вие сте, чеда, од Бога и нив сте ги победиле; зашто Оној, Кој е во вас, е поголем од оној што е во светот.

5Тие се од светот, затоа и световно зборуваат, а светот ги слуша.

6Ние сме од Бога. Кој Го познава Бога, нѐ слуша нас; кој не е од Бога, нас не нѐ слуша. По тоа и го познаваме Ду­хот на вистината и духот на заблудата.

7Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога, и секој, кој љуби, е роден од Бога и Го познава Бога;

8кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов.

9Божјата љубов кон нас се покажа во тоа што Бог Го испрати во светот Сво­јот Единороден Син за да живееме пре­ку Него.

10Во тоа се состои љубовта, што не ние Го возљубивме Бога, туку Бог нас нѐ возљуби и Го прати Синот Свој за да ги очисти гревовите наши.

11Возљубени, кога така нѐ возљуби Бог, тогаш и ние сме должни да се љу­биме еден со друг.

12Бога никој никогаш не Го видел. Ако се љубиме еден со друг, Бог пребива во нас и љубовта Негова е совршена во нас.

13Дека ние пребиваме во Него и Тој во нас, знаеме по тоа што ни дал од Својот Дух.

14И ние видовме и сведочиме дека Отецот Го испрати Синот како Спа­си­тел на светот.

15Кој исповеда дека Исус е Син Божји, во него пребива Бог, и тој — во Бога.

16И ние ја познавме љубовта, која Бог ја има кон нас; и поверувавме во тоа дека е Бог љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог — во него.

17Љубовта во нас се усовршува затоа за да имаме смелост на судниот ден; бидејќи, како што е Тој, така сме и ние во овој свет.

18Во љубовта страв нема, туку совршената љубов го изгонува стравот, бидејќи стравот подразбира казна. Кој се плаши, не е совршен во љубовта.

19Ние Го љубиме, бидејќи Тој от­пр­вин нѐ возљуби.

20Ако некој рече: „Го љубам Бога“ а го мрази својот брат, тој е лажливец: зашто, кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел?

21И таа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и братот свој.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>