1 Летописи 18:1-17 MKDB2006 - Bible AI

1Потоа Давид ги порази Филистејците и ги покори, па го пре­зеде Гет и неговите села од рацете на Филистејците.

2Тој ги порази и Моавците, и Моав­ците му станаа поданици на Да­вид и му даваа данок.

3Давид го порази и цовајскиот цар Адраазар во Хамат, кога тој одеше да ја утврди власта своја до реката Еуфрат.

4И зароби Давид од него илјада коли, седум илјади коњаници и дваесет илјади пешаци; и ги уништи Давид сите коли, оставајќи од нив само сто.

5Арамејците од Дамаск сакаа да му дојдат на помош на цовајскиот цар Адраазар, но Давид порази дваесет и две илјади Арамејци.

6Давид постави војска во Арам кај Дамаск, и Арамејците му станаа на Да­вид поданици и му плаќаа данок. Така му помагаше Господ на Давид секогаш, каде и да одеше.

7Давид ги заплени златните штитови, што ги носеа Адраазаро­вите слуги, и ги донесе во Ерусалим.

8А од Тивхат и Кун, Адраазарови градови, Давид однесе мошне многу ба­кар. Од него Соломон ги направи ба­карното море и столбовите, и бакарните садови.

9Кога чу за тоа хаматскиот цар Тоу дека Давид ја поразил целата војска на цовајскиот цар Адраазар,

10го испрати синот свој Хадорам кај царот Давид, да го поздрави и да му честита, поради тоа што војувал со Адраазар и го поразил — зашто Тоу беше во војна со Адраазар, — и по него испрати секакви садови златни, среб­рени и бакарни.

11Царот Давид Му ги посвети на Господ, заедно со среброто и златото, што го беше одзел од сите народи: Едомците, Моавците, Амонците, Фи­листејците и Амаликијците.

12И Авеса, синот на Саруја во Со­лената Долина порази осумнаесет илјади Едомци;

13и постави во Едом војска, и сите Едомци му станаа поданици на Давид. Господ му помагаше на Давид секогаш, каде и да одеше.

14И царуваше Давид над сиот Израел и делеше суд и правда на сиот народ свој.

15Јоав, Саруевиот син, беше војвода над војската, а Јосафат, Ахилудовиот син — летописец,

16Садок, синот на Ахитув, и Ави­мелех, синот Авијатаров, беа свеште­ници, а Шавша — писар,

17Ванеја, синот на Јодај, беше над Керетијците и Пелетијците, додека си­новите Давидови беа први до царот.

e>