1ⓙИ Самоил му рече на сиот Израел: „Ете, јас го послушав вашиот глас во сѐ што ми рековте, и ви поставив цар,
2ⓚи еве, царот оди пред вас: а јас остарев и побелев; и синовите мои се со вас. Јас, пак, одев пред вас од мојата рана младост до денес.
3ⓛПа еве ме, сведочете против мене пред Господ, и пред Неговиот помазаник: кому сум зел вол, кому сум зел магаре, кого сум измамил и кого сум потискал, од кого сум зел дар и сум ги затворил очите пред делото негово, јас ќе ви го вратам.“
4И одговорија: „Ти не си нѐ измамувал, ниту си нѐ измачувал и од никого ништо не си зел.“
5ⓜИ тој им рече: „Сведок против вас е Господ, сведок е и помазаникот Негов во овој ден дека не најдовте ништо против мене.“ И тие одговорија: „Сведок е.“
6ⓝТогаш Самоил му рече на народот: „Сведок е Господ, Кој ги постави Мојсеј и Арон и Кој ги изведе вашите предци од египетската земја.
7ⓞА сега застанете, и јас ќе се судам со вас пред Господ за сите добри дела што Тој ви ги направи вам и на предците ваши.
8ⓟКога Јаков дојде во Египет, и предците ваши почнаа да повикуваат кон Господ, Господ ги испрати Мојсеј и Арон, и тие ги изведоа предците ваши од Египет и ги населија на ова место.
9ⓠНо тие Го заборавија Господа, својот Бог, и Тој ги предаде во рацете на Сисера, асирскиот војвода, и во рацете на Филистејците и во рацете на моавскиот цар, кои војуваа против нив.
10ⓡА кога повикаа пак кон Господ и рекоа: ‚Згрешивме што Го оставивме Господа и почнавме да им служиме на Вааловци и на Аштарти, спаси нѐ сега од рацете на непријателите наши, и ние ќе Ти служиме Тебе.‘
11ⓢТогаш Господ ги испрати Јероваал и Бедан, Ефтај и Самоил и ве спаси од рацете на околните непријатели ваши, и вие живеевте во мир.
12ⓣНо кога видовте дека амонскиот цар Нахас оди против вас, вие ми рековте: Не, нека владее цар над нас, иако Господ, вашиот Бог, е ваш Цар.
13ⓤИ така, еве го царот што го избравте, кого го сакавте; ете, Господ ви постави цар.
14ⓥАко се однесувате со почит кон Господ и Му служите, ако го слушате гласот Негов и не се противите на заповедите Господови, вие и царот ваш, кој владее над вас, ќе одите по Господ, вашиот Бог;
15ⓦако, пак, не го слушате гласот Господов и почнете да се противите на заповедите Господови, раката на Господ ќе биде против вас, и против вашиот цар.
16ⓧА сега станете и погледнете го големото дело, што Господ го изврши пред очите ваши:
17ⓨнели е сега пченична жетва? Но јас ќе Го повикам Господа, и Тој ќе испрати гром и дожд, и вие ќе дознаете и ќе видите, колку е големо злото што го направивте пред очите на Господ, барајќи за себе цар.“
18ⓩИ Самоил Го повика Господа, и Господ испрати гром и дожд во тој ден; и сиот народ многу се исплаши од Господ и од Самоил.
19ⓐИ сиот народ му рече на Самоил: „Помоли се за слугите свои пред Господ, твојот Бог, за да не умреме; зашто кон сите гревови наши додадовме уште едно зло, кога баравме за себе цар.“
20ⓑА Самоил му одговори на народот и рече: „Не плашете се, вие го направивте, вистина, тоа зло, но само не отстапувајте од Господ, и служете Му на Господ од сѐ срце,
21ⓒи не одете по ништожни богови, кои нема да ви донесат корист и нема да ве спасат, бидејќи се бесполезни.
22ⓓА Господ нема да го остави народот Свој заради Своето големо име, бидејќи на Господ Му беше мило да ве избере за Свој народ;
23ⓔисто така и јас нема да си дозволам грев пред Господ да престанам да се молам за вас, и ќе ви го покажувам добриот и правиот пат.
24ⓕСамо однесувајте се со страхопочит кон Господ и служете Му вистински од сето свое срце, зашто видовте какви големи дела изврши Тој со вас;
25ⓖако пак правите зло, тогаш и вие и царот ваш ќе загинете.“