1 Самоилова 17:1-58 MKDB2006 - Bible AI

1Филистејците ги собраа војските свои за војна, се сместија во Сохо, град јудејски, и поставија логор меѓу Сохо и Азека, во Ефес-Дамим.

2А Саул и Израелците се собраа и си поставија логор во Теревинтската Долина и се подготвија за војна против Филистејците.

3И застанаа Филистејците од едната страна на планината, и Израелците од другата страна на планината, а меѓу нив беше долината.

4А од Филистејскиот логор излезе еден јунак, по име Голијат, од Гет. Беше висок шест лакти и педа.

5На главата имаше бакарен шлем; а беше облечен во лушпест оклоп, и оклопот тежеше пет илјади шекели бакар.

6На нозете имаше бакарни ногавици до над колената и на плеќите свои — бакарен штит.

7Дршката на копјето негово беше како ткаечко кросно, а самото копје — беше од шестотини шекели железо; пред него одеше оруженосец.

8И застана тој и викна кон израелските војски, велејќи им: „Зошто сте излегле да војувате? Нели сум јас Филистеец, а вие робови Саулови? Из­берете си еден човек и нека слезе кај мене!

9Ако тој може да се бие со мене и да ме убие, ние ќе ви бидеме робови; ако, пак, јас го победам и го убијам, вие ќе ни бидете робови и ќе ни служите.“

10Рече уште Филистеецот: „Денес ќе ја засрамам војската Израелова; дајте ми човек, и ние двајца ќе се биеме.“

11И Саул и сите Израелци кога ги слушнаа тие зборови од Филистеецот, многу се уплашија и ужасија.

12Давид беше син на еден човек од родот на Ефрата од Витлеем Јудејски, по име Јесеј, кој имаше осум синови; во дните на Саул тој човек беше веќе стар — на поодминати години.

13Тројцата најстари синови на Јесеј отидоа со Саул во војна. Имињата на тројцата синови што отидоа во војна, беа: најголемиот се викаше Елијав, вториот по него — Авинадав, и третиот — Шама;

14Давид, пак, беше најмал. Тројцата поголеми отидоа со Саул,

15а Давид се беше вратил од Саул за да ги пасе овците на таткото свој во Витлеем.

16А оној Филистеец излегуваше наутро и навечер и се покажуваше така четириесет дена по ред.

17И Јесеј му рече на синот свој Давид: „Земи за браќата свои ефа печено жито и овие десет леба и однеси ги што поскоро во логорот кај браќата твои.

18А овие десет пити сирење однеси му ги на илјаданачалникот и распрашај се за здравјето на браќата твои и дознај за потребите нивни.“

19Саул и сите тие Израелци се наоѓаа во Теревинтската Долина и се готвеа за борба со Филистејците.

20Давид изутрината стана рано, ги остави овците на чувар, и откако го зеде товарот, тргна, како што му беше заповедал Јесеј; и дојде во логорот, кога војската беше наредена и со извици се готвеше за борба.

21Тогаш Израелците и Филистејците се распоредија војска спроти војска.

22Давид го остави товарот кај чуварот на логорот и потрча кон бојниот ред, дојде и ги запраша браќата свои за здравје.

23И ете, додека тој разговараше со нив, силниот човек, кому му беше име­то Голијат, Филистеец од Гет, излегуваше од филистејските редови и ги кажуваше истите оние зборови и Давид ги слушна.

24И сите Израелци, откако ќе го видеа тој човек, бегаа од него и многу се плашеа.

25Израелците велеа: „Го гледате ли оној човек што излегува? Тој излегува за да го навредува Израел; а кога би го убил некој, царот би го наградил со големо богатство, и би му ја дал ќерката своја за жена, а домот на татко му би му го направил слободен во Израел.“

26И Давид им рече на оние што стоеја со него: „Што ќе му направат на оној што ќе го убие оној Филистеец и ќе го симне срамот од Израел? Зашто, кој е тој необрезан Филистеец што ја навредува војската на живиот Бог?“

27И тие му ги рекоа истите зборови, додавајќи: „Ете, тоа ќе му направат на оној човек што ќе го убие.“

28Елијав, најголемиот брат на Давид, слушна што говореше тој со луѓето, и му се налути Елијав на Давид, па му рече: „Зошто си дошол тука и на кого им ги остави оние малку овци во пустината? Ја познавам твојата дрскост и твоето лошо срце. Ти си дошол да ја гледаш борбата.“

29А Давид рече: „Па што сум напра­вил? Нели се тоа само зборови?“

30Па се сврте од него кон друг и ги говореше истите зборови, а луѓето му одговараа како и порано.

31Се слушнаа зборовите што Давид ги говореше, и му ги соопштија на Саул, и тој го повика.

32И му рече Давид на Саул: „Никој нека не паѓа со духот пред овој; твојот роб ќе отиде и ќе се бори против тој Филистеец.“

33А Саул му рече на Давид: „Не мо­жеш да одиш против Филистеецот, да се бориш против него, зашто ти си уште момче, а тој е војник уште од раната младост.“

34Тогаш Давид му рече на Саул: „Секогаш кога твојот слуга ги пасеше татковите си овци, ако случајно дојдеше некој лав, или мечка, и ќе одвлечеше овца од стадото,

35јас се спуштав по нив, ги напаѓав и им ја одземав од устата нивна. Ако, пак, тие се нафрлеа врз мене, јас ги фаќав за гривата, ги удирав и ги убивав.

36Лав и мечка убивал твојот слуга, а и со овој необрезан Филистеец ќе стане истото како со нив, бидејќи ја навредува војската на живиот Бог.“

37Давид рече уште: „Господ, Кој ме спасуваше од канџите на лавот и меч­ката, ќе ме спаси и од рацете на овој Филистеец.“

38Саул го облече Давид со облеката своја, му стави на главата бакарен шлем, и му навлече железен оклоп.

39Давид го опаша мечот негов врз об­леката и се обиде да оди, бидејќи никогаш не одел со такво вооружување. И Давид му рече на Саул: „Не можам да одам со ова, не сум навикнат.“ И го симна Давид сето тоа од себе.

40Па го зеде в рака стапот свој, си одбра пет мазни камчиња од потокот, ги стави во овчарската торбичка што беше со него; и со торбичката и праќата в рака излезе против Филистеецот.

41Излезе и Филистеецот, одејќи и приближувајќи се кон Давид, и пред него одеше оруженосецот.

42Погледна Филистеецот, и откако го виде Давид, со потсмев го изгледа, бидејќи беше млад, рус и убав.

43Филистеецот му рече на Давид: „Зошто си тргнал против мене со стап? Да не сум куче?“ Филистеецот го проколна Давид со боговите свои.

44И Филистеецот му рече на Давид: „Приближи се до мене, и ќе им го дадам телото твое на птиците небески и на ѕверовите полски.“

45Давид му одговори на Филистеецот: „Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господ Саваот, Бог на израелската војска што ти ја навредуваш.

46Сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја, и ќе им ги дадам и труповите на филистејската војска на птиците небески и ѕверовите земни, и целата земја ќе дознае дека има Бог во Израел;

47и сите овие луѓе ќе разберат дека Господ не спасува со меч и копје, зашто тоа е војна на Господ, и Тој ќе ве предаде во рацете наши.“

48Кога Филистеецот се исправи и почна да пристапува и да се прибли­жува кон Давид, Давид брзо се стрча кон местото на борбата против Филис­теецот,

49и бркна со раката во торбата, извади оттаму еден камен и фрли со праќата, та го удри Филистеецот в чело, така што каменот се заби во челото негово, и тој падна ничкум на земјата.

50Така, со праќа и камен, го победи Давид Филистеецот; го удри Филистее­цот и го уби; а Давид немаше меч во рацете.

51Тогаш Давид се стрча, и откако стапна врз Филистеецот, зеде та го извлече мечот негов од ножницата, го удри и ја пресече со него главата негова. Филистејците, кога видоа дека нивниот јунак умре, почнаа да бегаат.

52И се кренаа мажите израелски и јудејски, викнаа и ги гонеа Филистеј­ците до влезот во долината и до портите на Екрон. И убиените Филистејци паѓаа по патот Шаараим до Гет и до Екрон.

53Откако ги прогонија Филистејците, Израеловите синови се вратија и го разграбија нивниот логор.

54Давид ја зеде главата на Филистее­цот и ја однесе во Ерусалим, а оружјето го стави во шаторот свој.

55Кога Саул го виде Давид како излегува против Филистеецот, тогаш го запраша Авенир, началникот на војската: „Авенир, чиј син е тоа момче?“ Авенир му одговори: „Се колнам во твојата душа, царе, не знам.“

56И царот тогаш рече: „Ајде прашај, чиј син е тоа момче?“

57А кога Давид се враќаше, откако го уби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе кај Саул, и главата на Филистее­цот беше во раката негова.

58И Саул го запраша: „Чиј син си, момче?“ Давид одговори: „Син на твојот слуга Јесеј од Витлеем.“

le>