1 Самоилова 4:1-22 MKDB2006 - Bible AI

1Во тоа време Филистејците се со­ браа да војуваат против Израел. И излегоа во војна Израелците против Филистејците и поставија логор кај Евен-Езер, а Филистејците поставија логор кај Афек.

2И Филистејците се наредија за борба против Израелците; почна борбата, и Филистејците ги разбија Израелците, и загинаа од нив на бојното поле околу четири илјади души.

3Тогаш народот дојде во логорот; и старешините Израелови рекоа: „Зошто Господ нѐ порази денес пред Филис­тејците. Да си го земеме од Силом ковчегот на заветот Господов, и тој ќе оди среде нас и ќе нѐ спаси од раката на непријателите наши.“

4И народот испрати луѓе во Силом, па го донесоа оттаму ковчегот на заветот на Господ Саваот, Кој седи на херувими; а покрај ковчегот на заветот Божји беа двајцата синови на Илиј: Офни и Финес.

5И кога пристигна во логорот ков­чегот на заветот Господов, сиот Израел воскликна толку гласно што земјата трепереше.

6И Филистејците ги слушнаа радосните извици и рекоа: „Зошто ли се тие радосни извици во логорот на Евреите?“ И дознаа дека во логорот пристигнал ковчегот Господов.

7И се уплашија Филистејците, би­дејќи си рекоа: „Бог дошол кај нив во логорот.“ И рекоа: „Тешко нам, зашто такво нешто не се случило никогаш порано.

8Тешко нам! Кој ќе нѐ спаси од раката на Оној силен Бог? Тоа е Оној Бог што удри по Египќаните со секакви неволји во пустината.

9Стегнете се, о Филистејци, и бидете храбри за да не станете робови на Евреите, како што се тие во ропство под вас! Бидете мажи и борете се со нив!“

10И Филистејците удрија, Израелците беа разбиени, и секој избега во шаторот свој. Поразот беше многу голем; од Израелците паднаа триесет илјади пешаци.

11Ковчегот Божји беше земен, а обајцата Илиови синови, Офни и Финес, загинаа.

12А еден од Венијаминовите потомци побегна од местото на битката и дојде во Силом истиот ден. Облеката му беше испокината и главата во прав.

13Кога тој пристигна, Илиј седеше на стол до вратата и гледаше кон патот, бидејќи срцето му трепереше за ковче­гот Божји. И кога тој човек пристигна и јави во градот, целиот град високо повика.

14Илиј го слушна плачењето и рече: „Каква врева е тоа?“ И човекот веднаш се приближи и му соопшти на Илиј.

15Илиј тогаш беше на деведесет и осум години; и очите му беа ослабеле, и тој не можеше да гледа.

16И човекот му рече на Илиј: „Јас дојдов од логорот, денес избегав од местото на битката.“ И рече Илиј: „Што стана, синко?“

17И известителот одговори и рече: „Израел избега пред Филистејците, голем пораз претрпе, и двајцата твои синови, Офни и Финес, загинаа, а ков­чегот Божји е запленет.“

18Кога тој спомна за ковчегот Божји, Илиј падна од столот крај вратата на грб, си го скрши вратот и умре; бидејќи тој беше стар и тежок. Тој беше судија на Израел четириесет години.

19Снаата негова, жената на Финес, беше бремена, веќе пред раѓање. Кога ја слушна веста дека ковчегот Божји е запленет и дека свекорот нејзин и мажот нејзин умреле, се свитка на колена и роди, бидејќи ѝ дојдоа болките.

20И кога таа умираше, жените околу неа ѝ говореа: „Не плаши се, ти роди син.“ Но таа не одговараше и не обрнуваше внимание.

21И го нарече новороденчето Ихавод, мислејќи: „Си отиде славата од Израел“ — со запленувањето на ковчегот Божји, а и со смртта на свекорот нејзин и мажот нејзин.

22Таа затоа рече: „Отиде славата од Израел, бидејќи ковчегот Божји е запленет.“

e>