1ⓑКога царството на Ровоам се зацврсти, и тој стана силен, го остави законот Господов, а заедно со него и сиот Израел.
2ⓒНа петтата година од Ровоамовото царување, бидејќи Му беа неверни на Господ, Шишак, египетскиот цар, се крена против Ерусалим,
3ⓓсо илјада и двесте коли и шеесет илјади коњаници; со него од Египет дојде безброен народ: Либијци, Сукимци и Етиопјани.
4И ги презеде утврдените градови во Јудеја и стигна до Ерусалим.
5ⓔТогаш пророкот Шемаја дојде кај Ровоам и кај јудејските началници, што се беа собрале во Ерусалим, за да се спасат од Шишак, и им рече: „Вака вели Господ: ‚Вие Ме оставивте, затоа и Јас ве оставам во рацете на Шишак.‘“
6ⓕИзраелските началници и царот понизно рекоа: „Праведен е Господ!“
7ⓖКога виде Господ дека тие се понизија, дојде словото Господово до Шемаја и беше речено: „Нема да ги погубам, туку наскоро ќе ги избавам; Мојот гнев нема да се излее врз Ерусалим преку раката на Шишак;
8ⓗсепак, тие ќе му станат слуги, за да знаат што е тоа да Ми служат Мене и да им служат на земните царства.“
9Египетскиот цар Шишак дојде во Ерусалим и ги одзеде ризниците на домот Господов и ризниците на царскиот дом; одзеде сѐ, ги одзеде и златните штитови, што ги беше направил Соломон.
10Но царот Ровоам направи место нив бакарни штитови и ги предаде во рацете на старешините над чуварите, што го чуваа влезот во царскиот дом.
11Кога одеше царот во Господовиот дом, доаѓаа чуварите и ги носеа, а потоа пак ги враќаа во живеалиштето на чуварите.
12ⓘИ бидејќи тој се понизи, гневот Господов се одврати од него и не го уништи сосем, зашто и во Јудеја имаше нешто добро.
13ⓙ ⓚСе зацврсти царот Ровоам во Ерусалим и царуваше. Кога се зацари, тој беше на четириесет и една година, а царуваше седумнаесет години во Ерусалим, во градот, кого Господ го избра меѓу сите племиња Израелови, за да го постави таму името Негово. Мајка му се викаше Ноема, а беше Амонка.
14Тој правеше зло, зашто не го беше насочил срцето свое за да Го бара Господа.
15ⓛА делата на Ровоам, од првите, до последните, се опишани во записите на пророкот Шемаја и јасновидецот Идо и во родословијата. Помеѓу Ровоам и Јеровоам постојано имаше војни.
16ⓜРовоам почина кај своите предци и беше погребан во Давидовиот град. И на негово место се зацари неговиот син Авија.