3ⓝУште во првата година на царувањето свое, во првиот месец, тој ги отвори вратите на домот Господов и ги обнови;
4и им заповеда на свештениците и левитите да дојдат, ги собра на источниот плоштад
5ⓞи им рече: „Послушајте ме, левити! Сега осветете се, осветете го и домот на Господ, Бог на предците ваши; исфрлете ја нечистотијата од светилиштето.
6ⓟЗашто предците наши постапуваа неугодно пред очите на Господ, нашиот Бог, Го оставија, го одвратија лицето свое од Господовото живеалиште, Му свртеа грб,
7ⓠја затворија вратата на притворот, ги угаснаа светилниците, не палеа кадило и не принесуваа сепаленици во светилиштето на израелскиот Бог.
8ⓡИ гневот Господов беше врз Јудеја и врз Ерусалим, и Тој ги предаде на презир, на опустошување и на потсмев, како што гледате со очите свои.
9Ете, предците наши паднаа под меч, а синовите наши, и ќерките наши, и жените наши затоа се во плен во туѓа земја досега.
10ⓢИ сега имам на срце да склучам завет со Господ, Бог Израелов, та да го отстрани од нас пламенот на гневот Свој.
11ⓣДеца мои! Не бидете небрежни, зашто Господ ве избра за да стоите пред лицето Негово, да Му служите и да Му бидете служители и да кадите.“
12ⓤТогаш станаа левитите: Маат, синот Амасаев, и Јоил, синот Азариев — од синовите Каатови; и од синовите Мерариеви: Кис, синот Авдиев, и Азарија, синот Јехалелелов; и од племето Гирсоново: Јоах, синот на Зима, и Еден, синот Јоахов;
13и од синовите Елицафанови: Шимри и Јеиел; и од синовите Асафови: Захарија и Матанија;
14и од синовите Еманови; Јехиил и Шимеј; и од синовите Једутунови: Шемаја и Узиил.
15ⓥТие ги собраа браќата свои, се осветија и отидоа по заповед на царот да го очистат домот Господов, според словото Господово.
16Свештениците влегуваа внатре во домот Господов, за да го очистат, и сето нечисто, она што го најдоа во храмот Господов, го изнесоа во дворот на домот Господов, а левитите го зедоа тоа да го изнесат надвор кон потокот Кедрон.
17И почнаа да осветуваат на првиот ден од првиот месец, и на осмиот ден на истиот месец влегоа во тремот Господов; го осветуваа домот Господов осум дена и на шеснаесеттиот ден од првиот месец завршија.
18Тогаш дојдоа во домот кај царот Езекија и рекоа: „Го исчистивме домот Господов и жртвеникот за сепаленици, и сите негови садови, и трпезата за принесените лебови, и сите нејзини садови;
19сите садови што беше ги зафрлил царот Ахаз во текот на царувањето свое, во своето беззаконие, ги приготвивме и осветивме; ете, тие се пред Господовиот жртвеник.“
20Утредента рано царот Езекија стана, ги собра градските началници и отиде во домот Господов.
21ⓦИ дотера седум телиња, седум овни, седум јагниња и седум козли — да ги принесат како жртва за грев, за царството, за светилиштето и за Јудеја; и им заповеда на свештениците, синови Аронови, да принесат сепаленици врз Господовиот жртвеник.
22ⓧИ ги заклаа телците, а свештениците зедоа крв и го поросија жртвеникот; ги заклаа овните и го поросија со крв жртвеникот; ги заклаа јагнињата и го поросија со крв жртвеникот.
23ⓨГи дотераа и козлите, кои беа жртва за грев, пред царот и собранието, и тие ги положија врз нив рацете свои.
24ⓩСвештениците ги заклаа и го исчистија со нивната крв жртвеникот, за да се простат гревовите на целиот Израел, зашто царот беше заповедал да се принесе сепалинца и жртва за грев за целиот Израел.
25ⓐИ постави левити во домот Господов со кимвали, харфи и лири, според наредбите на Давид и Гад, царскиот јасновидец, и на пророкот Натан, бидејќи таа заповед беше дадена од Господ преку пророците Негови.
26ⓑИ застанаа левитите со Давидовите свирки и свештениците со труби.
27ⓒТогаш Езекија заповеда да принесат сепаленица врз жртвеникот. И кога почнаа да ја принесуваат сепаленицата, почна пеење на Господ со звуци на трубите и свирките на Давид, царот израелски.
28И целото собрание се молеше, пејачите пееја и трубите трубеа, сѐ додека не се изврши сепаленицата.
29А кога заврши сепаленицата, царот и сите, што беа кај него, се наведнаа и се поклонија.
30Царот Езекија и началниците им рекоа на левитите да Го слават Господа со зборовите на Давид и јасновидецот Асаф; тие славеа со радост и се наведнуваа и се поклонуваа.
31ⓓПродолжи Езекија и рече: „Сега вие Му се посветивте на Господ: пристапувајте и принесувајте жртви и благодарствени приноси во домот Господов.“ И целото собрание почна да принесува жртви и благодарствени приноси, а секој кој имаше срдечна желба принесуваше и сепаленици.
32А бројот на сепалениците, што собранието ги донесе, изнесуваше: седумдесет волови, сто овни, двесте јагниња — сето тоа за сепаленица на Господ.
33Други свештени жртви имаше: шестотини глави крупен добиток и три илјади ситен добиток.
34ⓔНо свештениците беа малку и не можеа да ги одерат кожите од сите сепаленици, па им помагаа браќата нивни левитите, додека се сврши работата и додека се осветија другите свештеници, зашто левитите беа поусрдни во желбата да се посветат, отколку свештениците.
35ⓕА притоа имаше многу сепаленици со масни меса од жртвите за помирување и со преливи врз сепаленицата. Така беше обновено служењето во домот Господов.
36И се радуваше Езекија и целиот народ, поради тоа што Бог така го расположи народот, бидејќи тоа стана неочекувано.