1ⓖЕзекија испрати гласници по целата земја израелска и Јудеја, а напиша и писма до Ефрем и племињата на Манасија, да дојдат во домот Господов во Ерусалим, за да прослават Пасха на Господ, Бог Израелов.
2А царот и началниците и целото собрание во Ерусалим решија да прослават Пасха на вториот месец,
3ⓗбидејќи не можеа да ја прослават кога ѝ беше времето, зашто уште немаше доволен број осветени свештеници, па и народот не се беше собрал во Ерусалим.
4Тоа му се допадна на царот и на целото собрание.
5ⓘИ решија да разгласат по цел Израел, од Вирсавија до Дан, да отидат во Ерусалим да Му направат Пасха на Господ, Бог Израелов, зашто одамна не ја беа правеле, како што е наредено.
6ⓙИ тргнаа гласници со писма од царот и од началниците негови по целата земја израелска и Јудеја, и по заповед на царот велеа: „Деца израелски! Обратете се кон Господ, Бог Авраамов, Исаков и Израелов, и Тој ќе се сврти кон оние, што се унесреќени меѓу вас од раката на асирските цареви.
7ⓚИ не бидете како предците ваши и браќата ваши, кои постапуваа беззаконо пред Господ, Бог на вашите предци, и Тој ги предаде за истребување, како што гледате.
8ⓛСега не бидете тврдоглави како вашите предци, покорете Му се на Господ и доаѓајте во светилиштето Негово, кое Тој го освети засекогаш; служете Му на Господ, нашиот Бог, и Тој ќе го отстрани од вас пламенот на Својот гнев.
9ⓜКога ќе се обратите кон Господ, браќата ваши и децата ваши ќе најдат милост кај оние, што ги заробиле, и ќе се вратат во оваа земја; зашто Господ, Бог наш, е благ и милосрден и нема да го сврти лицето од вас, ако се обратите кон Него.“
10Гласниците одеа од град во град по земјата Ефремова и Манасиева, сѐ до Завулоновата, но им се смееја и се подбиваа со нив.
11Само некои од коленото Асирово, Манасиево и Завулоново се понизија и дојдоа во Ерусалим.
12ⓝА над Јудеја беше раката Божја, та им даде еднодушност, за да ја исполнат заповедта на царот и началниците, според словото Господово.
13ⓞИ се собра во Ерусалим многу народ, за да го празнуваат празникот на Бесквасниците пред вториот месец: собранието беше многубројно.
14ⓟПа станаа и ги растурија жртвениците, што беа во Ерусалим, и сѐ, врз кое кадеа на идолите, испокршија и го фрлија во потокот Кедрон,
15го заклаа пасхалното јагне на четиринаесеттиот ден од вториот месец. Свештениците и левитите, посрамени, се осветија и принесоа сепаленица во домот Господов,
16и застанаа по своите места, според уредбата своја, по законот на Мојсеј, Божјиот човек. Свештениците оросуваа со крв, земајќи ја од рацете на левитите.
17А бидејќи во собранието имаше мнозина кои не се беа осветиле, тогаш, наместо тие нечистите, го колеа пасхалното јагне левитите, за да го посветат на Господ.
18ⓠМнозина од народот, повеќето од племето Ефремово и Манасиево, Исахарово и Завулоново, не се очистија; но и тие јадеа Пасха, непрописно.
19Но Езекија се помоли за нив и рече: „Благиот Господ да му прости на секого, кој го расположил срцето свое да Го бара Господ Бог, Бог на своите предци, макар и без свештено очистување.“
20И Господ го послуша Езекија и му прости на народот.
21ⓡТака синовите Израелови, кои беа во Ерусалим, го извршија празникот на Бесквасниците седум дена со голема веселба; секој ден левитите и свештениците Го славеа Господа со свирки, нагласени за славословување на Господ.
22И говореше Езекија според срцето на сите левити, кои знаеја добро да Му служат на Господ. И ја јадеа празничната жртва седум дена, принесувајќи свечени жртви и славејќи Го Господ, Бог на своите предци.
23И целото собрание реши да празнува уште седум дена, и ги поминаа тие седум дена во веселба,
24зашто Езекија, цар јудејски, дотера за собраните илјада телиња и десет илјади ситен добиток, кнезовите му подарија на собранието илјада телиња и десет илјади ситен добиток; тогаш веќе се осветија голем број свештеници.
25ⓢИ се веселеа сите собрани од Јудеја, свештеници и левити, и целото собрание, надојдено од Израел, и дојденците што беа дошле од израелската земја и кои живееја во Јудеја.
26И стана голема веселба во Ерусалим, зашто од дните на Соломон, син Давидов, цар израелски, не се случи такво нешто во Ерусалим.
27ⓣТогаш станаа свештениците и левитите и го благословија народот; и нивниот глас беше чуен од Господ, и молитвата нивна се вознесе до небесата, во светото Негово живеалиште.