2 Самоилова 15:1-37 MKDB2006 - Bible AI

1Потоа Авесалом си набави коли и коњи и педесет брзоодци.

2Авесалом стануваше изутрина рано, се запираше крај патот покрај портите и, кога некој имаше поплака и одеше кај царот на суд, тој го повикуваше и го прашуваше: „Од кој град си?“ И кога оној одговараше: „Од тоа и тоа Изра­елово племе е твојот слуга“,

3тогаш Авесалом му велеше: „Ете, твоето дело е добро и праведно, но кај царот нема кој да те ислуша.“

4И Авесалом уште велеше: „О, да беа ме поставиле мене за судија во оваа земја! Кај мене би доаѓал секој, кој има спор и поплака, и јас би судел по правда.“

5И кога некој ќе се доближеше да му се поклони, тој ја протегаше раката и го прегрнуваше и го бакнуваше.

6Така постапуваше Авесалом со секој Израелец, кој доаѓаше кај царот да се суди, и навлегуваше Авесалом во срцата на Израелците.

7Откако изминаа четириесет години од царувањето на Давид, Авесалом му рече на царот: „Да одам и да го исполнам мојот завет што Му го бев дал на Господ во Хеврон.

8Зашто јас, твојот слуга, кога живеев во Гесур, во Арам, ветив: ако Господ ме врати во Ерусалим дека ќе Му принесам жртва на Господ.“

9А царот му рече: „Оди со мир.“ И тој стана и отиде во Хеврон.

10А Авесалом испрати тајни гласници меѓу сите израелски племиња, веле­јќи: „Кога ќе чуете звук од труба, веле­те: ‚Авесалом стана цар во Хеврон.‘“

11Од Ерусалим отидоа со Авесалом двесте души што ги беше поканил, и тие отидоа простодушно, без да знаат, каква е работата.

12Авесалом испрати да го повикаат гилонецот Ахитофел, Давидов советник, од неговиот град Гилон, додека тој принесуваше жртви. И започна голем заговор и народот се собираше и се умножуваше околу Авесалом.

13И дојде разузнавач при Давид и рече: „Срцето на Израелците се сврте кон Авесалом.“

14Тогаш им рече Давид на сите свои слуги што беа при него во Ерусалим: „Станувајте да бегаме, зашто за нас не­ма спас од Авесалом; брзајте да излезе­ме да не нѐ затече и нѐ фати да не ни навлече зло и да го разори градот со сечилото на мечот.“

15Царските слуги му рекоа на царот: „За сѐ што ќе заповеда нашиот господар, царот, ние сме твои слуги.“

16Па излезе царот и по него сиот дом негов пешки. Царот остави десет свои наложници да ја чуваат куќата.

17И излезе царот и сиот народ пешки, и застанаа кај последната куќа.

18И сите слуги негови врвеа од двете страни негови, и сите Кере­тијци, сите Пелетијци и сите Гетчани — до шестотини души што беа дошле заедно со него од Гет, одеа пред царот.

19И царот му рече на Гетчанецот Итај: „Зошто си тргнал и ти со нас? Врати се и остани со оној цар, бидејќи ти си туѓинец и си избегал од својата земја.

20Ти си дошол вчера, а денес ќе те терам да одиш со нас ли? Јас одам, каде што можам; врати се и врати ги со себе и браќата свои; Господ нека ти подари милост и правда!“

21А Итај му одговори на царот и рече: „Жими Господ, и жими мојот господар, царот; каде и да биде мојот господар, царот, жив или мртов, таму ќе биде и твојот слуга.“

22Тогаш Давид му рече на Итај: „Дојди, пак, и оди со мене.“ И тргна Гетчанецот Итај и сите луѓе негови и сите деца што беа со него.

23И целата земја плачеше на висок глас. И сиот народ минуваше, и царот го мина потокот Кедрон; и тргна сиот народ и царот по патот кон пустината.

24Ете, и свештеникот Садок и заедно со него сите левити го носеа ковчегот на Божјиот завет, и го оставија Божјиот ковчег, а Авијатар пак стоеше на висо­чината, додека сиот народ излезе од градот.

25И царот му рече на Садок: „Врати го Божјиот ковчег во градот. Ако најдам милост пред очите на Господ, Тој ќе ме врати и ќе ми даде да Го видам Него и Неговото живеалиште.

26Ако, пак, Тој каже: ‚Немам кон тебе благонаклоност‘, тогаш, ете ме; нека прави со мене она што ќе Му се види дека е добро.“

27И му кажа уште царот на свештеникот Садок: „Гледаш ли, — вра­ти се во градот со мир заедно со син си Ахимаац и со Авијатаровиот син Јона­тан, двајцата ваши синови;

28гледате ли, јас ќе се позабавам по рамнината во пустината, додека ми стигне известување од вас.“

29Садок и Авијатар го вратија Божји­от ковчег во Ерусалим и оста­наа таму.

30А Давид тргна кон Елеонската Планина, искачувајќи се плачеше; главата му беше покриена, и тој одеше бос; и сите луѓе што беа со него, ја покрија секој својата глава, одеа и плачеа.

31Му јавија на Давид и рекоа: „И Ахитофел е меѓу заговорниците со Авесалом.“ И рече Давид: „Господи, Боже мој, осуети го советот на Ахи­тофел.“

32Кога Давид се искачи на врвот од гората, каде што сакаше да Му се поклони на Господ, ете во пресрет му доаѓа Кушиј, Давидов прв пријател: облеката му беше раскината, и на главата имаше прав.

33И Давид му рече: „Ако дојдеш со мене, ќе ми бидеш товар:

34но, ако се вратиш во градот и му кажеш на Авесалом: ‚Царе, досега бев слуга на татко ти, а отсега натаму ќе бидам твој слуга‘, ти ќе можеш да го осуетиш за мене советот на Ахитофел.

35Ете, таму со тебе ќе бидат све­ш­тениците Садок и Авијатар, и секој збор што ќе го чуеш од домот на царот, соопштувај им го на свеште­ниците, на Садок и на Авијатар.

36Заедно со нив таму се и двајцата нивни синови: Ахимаац, син Садоков, и Јонатан, син Авијатаров; по нив испра­ќајте ми ја секоја вест што ќе ја чуете.“

37Така, Кушиј, Давидовиот пријател, отиде во градот, а во тоа време Авесалом влегуваше во Ерусалим.

le>