1ⓦДавид пак собра избрани луѓе од Израел, триесет илјади.
2ⓧПа стана и тргна Давид и сиот народ што беше со него, од Ваал Јудин за да го пренесе оттаму Божјиот ковчег, над кој се повикува името на Господ Саваот, Кој седи на херувими.
3ⓨИ го поставија Божјиот ковчег на нова кола и го изнесоа од Авинадавовата куќа, која беше на ридот. А синовите Авинадавови Оза и Ахио ја водеа новата кола.
4Ја поведоа со Божјиот ковчег од Авинадавовата куќа, која беше на ридот; и Ахио одеше пред ковчегот Господов.
5ⓩА Давид и сите синови Израелови свиреа пред Господ на различни свирки од кипарисово дрво, на гусли, на псалтири, на тимпани, на цитри и на кимвали.
6ⓐИ кога дојдоа до Нахоновото гумно, Оза посегна со раката кон Божјиот ковчег и се фати за него, бидејќи воловите го беа наведнале.
7Но Господ се разгневи на Оза, и за дрскоста Бог го удри на истото место, и тој умре таму крај Божјиот ковчег.
8Давид се нажали поради тоа што Господ така го удри Оза. Тоа место и сега се нарекува Фарес Оза[2].
9ⓑТој ден Давид се исплаши од Господ и рече: „Како ќе дојде кон мене ковчегот Господов?“
10ⓒИ Давид не сакаше да го пренесе ковчегот Господов кај себе, во Давидовиот град, и го остави во куќата на Аведар, кој потекнуваше од Гет.
11И остана ковчегот Господов во домот на Гетчанецот Аведар три месеци; и Господ го благослови Аведар и сиот негов дом.
12ⓓМу јавија на цар Давид и му рекоа: „Господ го благослови домот на Аведар и сѐ што е во него, поради Божјиот ковчег“; Давид отиде и свечено го пренесе Божјиот ковчег од куќата на Аведар во Давидовиот град.
13ⓔИ штотуку оние што го носеа ковчегот Господов, изминаа шест чекори, тој принесе жртва едно јунче и еден овен.
14ⓕДавид играше со сета сила пред Господ, а беше облечен со ленен ефод.
15ⓖТака Давид и целиот Израелов дом го носеа ковчегот Господов со извици и звуци од труба.
16Кога ковчегот Господов влегуваше во Давидовиот град, Михала, Сауловата ќерка, гледаше од прозорецот нејзин и, откако го виде царот Давид како скока и игра пред Господ, го презре во срцето свое.
17ⓗГо донесоа ковчегот Господов и го поставија на местото негово среде скинијата, која Давид ја беше направил за него: и Давид принесе сепаленици пред Господ и жртви за помирување.
18ⓘКога Давид заврши со принесувањето сепаленици и жртви за помирување, тој го благослови народот во името на Господ Саваот;
19ⓙи му раздаде на сиот народ, на целото множество Израелци, и на мажи и на жени, на секого по еден леб, по парче печено месо и по еден колач од суво грозје. Потоа сиот народ се разотиде, секој во куќата своја.
20ⓚКога се врати Давид за да го благослови домот свој, Михала, Сауловата ќерка, излезе и му рече: „Колку се прослави денес царот Израелов, разголувајќи се пред очите на слугинките од слугите свои, како што се разголува прост човек.“
21ⓛА Давид ѝ одговори на Михала: „Пред Господ, Кој ме одбра мене наместо твојот татко и целиот негов дом, поставувајќи ме за водач на народот Господов — Израел; пред Господ ќе свирам и ќе играм;
22и уште повеќе ќе се понизам, и уште помал ќе станам во своите очи, и при сето тоа, пред слугинките, за кои говориш, јас ќе бидам славен.“
23ⓜА Михала, Сауловата ќерка, остана без рожба до денот на својата смрт.