2 Царевите 20:1-21 MKDB2006 - Bible AI

1Во тие денови се разболе Езекија до смрт. Тогаш дојде кај него пророкот Исаија, синот на Амоц, и му рече: „Вака вели Господ: ‚среди ги работите за домот свој, зашто ќе ум­реш, нема да оздравиш.‘“

2Се сврте Езекија со лицето кон ѕи­дот и Му се помоли на Господ, велејќи:

3„О Господи, спомни си дека јас одев пред лицето Твое верно, со срце преда­дено на Тебе, и го правев она што беше правилно пред очите Твои.“ И заплака Езекија силно.

4Исаија уште не беше излегол од средниот двор, и дојде словото Госпо­дово кон него:

5„Врати се и кажи му на Езекија, владетелот на Мојот народ: вака вели Господ, Бог на твојот предок Давид — Ја чув молитвата твоја, ги видов солзите твои. Јас ќе те излекувам; на третиот ден ќе отидеш во домот Господов;

6и ќе додадам кон деновите твои петнаесет години, и ќе те спасам од рацете на асирскиот цар — тебе и твојот град, и ќе го заштитам тој град заради Себе и заради Мојот слуга Давид.“

7Тогаш рече Исаија: „Земете суви смокви.“ И зедоа, и ги наложија на чи­рот; и тој оздраве.

8Езекија му рече на Исаија: „Каков е знакот дека Господ ќе ме излекува и дека на третиот ден ќе одам во домот Господов?“

9Исаија одговори: „Еве ти знак од Господ дека Господ ќе го исполни словото што го кажал — сакаш ли на­пред да оди сенката десет степени или десет степени назад?“

10И рече Езекија: „Лесно е да се по­мести сенката десет степени напред; не, нека се врати сенката десет степени назад.“

11Повика пророкот Исаија кон Господ, и Тој ја врати сенката назад де­сет степени според Ахазовите степени, по кои се спушташе сонцето.

12Во тоа време вавилонскиот цар Меродах-Баладан, син на Баладан од Вавилон, му испрати писмо и подароци на Езекија, зашто беше чул дека Езекија бил болен.

13Езекија, откако ги слушна прате­ниците, им ги покажа ризниците свои, среброто и златото, и аромати­те, и скапоцените масла, и целиот свој склад со оружје и сѐ што се наоѓаше во ризни­ците негови; и не остана нешто што не им го покажа Езекија во домот свој и во целото свое владение.

14Пророкот Исаија дојде кај царот Езекија и го праша: „Што кажаа тие луѓе, и од каде дојдоа кај тебе?“ Езекија одговори: „Од далечна земја дојдоа тие, од Вавилон.“

15Исаија пак праша: „Што видоа тие во домот твој?“ Езекија одговори: „Видоа сѐ што е во мојот дом; не остана нешто што не им го покажав во ризни­ците свои.“

16Тогаш Исаија му рече на Езекија: „Чуј го словото Господово:

17‚Еве, ќе дојдат дни, и сѐ што е во твојот дом, и што го собрале твоите предци до денес, ќе биде однесено во Вавилон; ништо нема да остане‘ — вели Господ.

18Некои од твоите синови, кои ќе произлезат од тебе што ќе ги родиш, ќе бидат одведени и тие ќе бидат слуги во дворецот на вавилонскиот цар.“

19А Езекија му рече на Исаија: „Добро е словото Господово што ти го изрече.“ И продолжи: „Само нека има мир и правда во моите дни!“

20Останатите дела на Езекија, за сите негови јуначни подвизи, за тоа како направи езера и водовод и спроведе вода во градот, опишано е во летописите на јудејските цареви.

21И почина Езекија кај своите предци, а на негово место се зацари неговиот син Манасија.

e>